Зошто витамините и суплементите може да содржат сешто

Шесте последни шефови на неприкосновениот американски авторитет за храна и лекови се собрале на едно место да се пожалат како не успеале да ја гарантираат сигурноста и доверливоста на она што луѓето го внесуваат во своите тела.

На оваа безмалку историска средба во Аспен, шесте бивши комесари на Федералната агенција за храна и лекови признале дека Агенцијата не е никаков гарант за квалитетот на сето она што на пазарот е означено како диететски додаток.

Во меѓувреме во САД на здравствена заштита се трошат 3 трилиони долари што достигнува 20% од нивниот БДП, главно заради бескрупулозно скапите лекарства и последиците од нездравата исхрана.

Еден од комесарите објаснил дека илјадници адитиви станале дел од нашиот прехрамбен систем само затоа што нивните производители сами процениле дека се GRAS ("generally recognized as safe"). Оваа законска дупка постои уште од 1958 година и им дозволува на производителите на храна и додатоци да вадат нови состојки на пазарот без за тоа да ја информираат ФДА:.Оти немало време да ја затворат.

Истиот рекол дека ваквиот систем е смешка.

А индустријата на суплементи рапидно расте. Во неа не се само витамините и минералите туку и секакви хербални производи, амино киселини и ензими во секакви можни комбинации кои се продаваат како таблети, капсули, прашоци или сирупи. Глобалниот пазар на овие производи тежи 82 милијарди долари, една четвртина од тоа се врти во САД. Само во периодот 2007-2012, продажбата на суплементи пораснала за 6 милијарди долари.

Да се создаде лек чини милиони долари и треба да се пројде низ ригорозна процедура за верификација. За вадење суплемент сето тоа е далеку поедноставно и поевтино.

Сите тие додатоци ФДА заеднички ги дефинира како производи кои можат да се конзумираат а "не се наменети за третман, дијагноза, превенција или лекување на болести".

Ама, луѓето токму за тоа ги купуваат.

28 јуни 2016 - 23:28