Компанијата Skechers ќе плати 40 милиони долари отштета за вонсудски да ги среди обвиненијата за заведувачко рекламирање на нивните Shape Up патики.
Федералната трговска комисија констатирала дека тврдењата дека "патиките помагаат во губење на тежината и зацврстување и обликување на мускулите на нозете, задникот и стомакот" со ништо не се потврдени и го мамат потрошувачот.
Освен за популарните Shape up, утврдено е дека лаги се и ветувањата за останатите производи од оваа линија, какви што се патиките Resistance Runner, Toners and Tone-up.
Во своите убедливи кампањи во кои учествуваа и ликови како Ким Кардашиан и Брук Бурк, Skechers одеше дотаму што тврдеше дека освен за изгледот, патиките се корисни и за целиот кардиоваскуларен систем.
Најчесто се повикуваа на независни научни истражувања зад кои подоцна се утврдило дека стои сопругот на главната директорка за маркетинг на оваа компанија.
Во САД патиките се продаваа меѓу 60 и 100 долари, во Европа беа и поскапи а се проценува дека нивната вкупна продажба изнесува над милијарда долари.
Вонсудскиот договор на Skechers со државата вклучува и рефундирање на клиентите кои ќе го побараат тоа.