Иако во земјата има одредени изместувања на секојдневниот живот предизвикани од затворање на училиштата, останатото се тера по старо, па метрото во Токио и понатаму е преполно, а рестораните се отворени за работа.
Моменталната дилема и таму и низ светот, е дали Јапонија ја избегна епидемијата или допрва ќе биде погодена од нејзе. Ставот на јапонските власти е дека биле „агресивни во идентификување на групите и ограничување на ширењето,“ заради што крајниот број на заразени по глава на жител е еден од најниските меѓу развиените економии. Од друга страна критичарите тврдат дека Јапонија немала доволно ригорозно тестирање, наводно со цел бројките на заразени да бидат на ниско ниво за во јули да може да се одржи Олимпијадата во Токио.
Забелешките се и на начинот на кој Јапонија се справи со патничкиот брод Дијамантска принцеза во близина на нејзиниот брег кој беше ставен во карантин на пристаништето во Јокохама (од 3700 патници околу 700 се заразија со ковид-19), и одлуката на почетокот да не се сопрат патничките врски со Кина.
И покрај сето ова, на 18-ти март, Јапонија има нешто повеќе од 900 потврдени случаи на коронавирус (без тие од бродот). За споредба САД, Франција и Германија, сите имаат над 7.000 случаи, Италија е околу 36.000, а соседна Јужна Кореја е на околу 8.500 случаи.
Во Токио кој е една од најгусто населените метрополи во светот, бројот на заразени изнесуваше 0,0008% од популацијата. Островот Хокаидо кој беше најтешко погодената област во Јапонија, веќе ја укинува вонредната состојба.
Според Кенџи Шибуја, професор на лондонскиот Кингс колеџ и поранешен прв човек за здравствени политики на СЗО, објаснувањето за ова е дека Јапонија или го има спречено ширењето на вирусот фокусирајќи се на групите каде тој бил регистриран, или дека ширењето допрва ќе почне.
„И двете се разумни, меѓутоа мојата претпоставка е дека Јапонија допрва ќе има експлозија и неизбежно наскоро ќе премине од фазата изолација на вирусот на фазата одложување на пикот. Бројот на тестирање расте, но не доволно,“ објаснува Шибуја.
Во корист на теоријата „Јапонија се спаси“ оди и тоа дека кон крајот на јануари, речиси веднаш по првата инфекција во земјата, низ продавниците и рестораните почнаа да се појавуваат средства за дезинфекција, почна масовна продажба на маски, а луѓето почнаа да прифаќаат некои основни мерки за заштита на јавното здравје. Ова веројатно доста има помогнато во „израмнување на кривата“ на инфекцијата.
Владин извештај од 9 март наведува дека 80% од случаите на коронавирус во Јапонија не ја пренеле инфекцијата. Во извештајот се повторува стратегијата со кластерите односно дека „голем број кластери на ширење на болеста се идентификувани во прилично рана фаза“ па затоа и било спречено ширењето.
На страна на Јапонија е и тамошната култура во која традиционално се избегнува ракување и гушкање за разлика од другите држави членки на Г7, а и стапката на миење раце им е над онаа во Европа.
Уште еден показател што е на оптимистичката страна е дека и бројот на заболени од сезонски грип е во пад 7 недели по ред, што се толкува како знак дека Јапонците сериозно ги сфатиле мерките за борба против вирусот.
Околу тестирањето на пациентите, Јапонија има малку поинаков пристап со кој тие ја оправдуваат толку ниската стапка на тестирани граѓани.
„Стапката на смртност во Италија е речиси три пати поголема отколку во Јапонија. Делумно причина за ова е што ако се тестираш те ставаат во карантин, што значи дека тие немаат доволно кревети за случаи кои релативно не се до толку сериозни,“ објаснува професорот за контрола на инфекции на Универзитетот во Хокаидо, Јоко Цукамото.
Со ваков став кон тестирањето на јавноста Јапонија има стапка на заразување од 5,6%. Во споредба со нив Јужна Кореја која тера масовно тестирање е на 3%, но Италија со исти мерки е на 18%.
Доколку сето ова се покаже како погрешно и вирусот допрва направи инвазија на Јапонија, земјата располага со прилично добри капацитети од 13 болнички кревети на 1.000 луѓе, што е највисока стапка меѓу Г7 и три пати повеќе отколку Италија, САД, Британија и Канада.