Изразот е на Стивен Стосни, автор на „Болката од горе: како да го искористиш најдлабокиот дел од твојот мозок под каков и да е стрес“. Тој вели дека политичките кампањи главно се потпираат на механизми карактеристични за бебешкиот начин на мислење - емоционално, на сè или ништо - поттикнувајќи ги реакциите на излегување на крај со ваквите чувства, во форма на вина, одрекување и одбегнување. Ако ве изнервира било што во врска со изборите, нечија глупа изјава, коментар на социјални мрежи, некоја непроверена гласина, несвесната реакција е иста како и со генералниот стрес - поагресивно возење, повеќе алкохол, и физиолошки и ментални ефекти кои на прв поглед немаат никаква врска со темата.
Кај Американците, кои стереотипно барем до сега не беа познати по упатеност и закрвено занимавање со политика, ова веќе станува сериозен проблем. Две третини до три четвртини од пациенти со психолошки проблеми во Институтот за когнитивна терапија во Вашингтон ги спомнале чувствата во врска со актуелните избори како релевантни за нивната влошена ситуација. Според анкета на Вашингтон пост од јануари, тие најмногу се предизвикани од еден кандидат - идејата за „претседателот Трамп“ вознемирила 69 од гласачите (Хилари Клинтон предизвикала таква реакција кај 50% од нив).
Вознемиреност и несигурност се најчестите симптоми на ваквите стресни состојби, има и грижа за иднината, иритантност, тензија во мускулите, умор, потешкотии со концентрација или со спиење. Во американскиот случај ова е дополнително отежнато заради долготрајноста на изборниот циклус (година и пол, значајно подолго отколку, на пример, во Канада или Британија). Во контекст на темата не се спомнува ситуација на пролонгирано закажување, откажување и повторно закажување на изборите, но веројатноста дека и таа ситуација потпаѓа под истите правила е голема.
Значаен фактор се и 24-часовните вести, кои за да привлечат внимание често ги хиперболизираат работите, па така повеќе личат на реално шоу отколку на класична информативна програма. Истото е и со социјалните мрежи, кои бескрајно ретвитаат „попалувачки“ изјави, кои повеќе вознемируваат отколку што нешто информираат.
Стресот предизвикан од изборен умор не е нов, а повеќето документирани случаи се од политички нестабилни земји во развој. Во Тајланд во текот на 2014, кога таму се одвиваше воен удар, нивното Министерство за здравство ги предупреди граѓаните дека конзумирањето премногу вести може да им го наруши менталното здравје, па дури и отвори хотлајн за да им помогне на оние со хронични симптоми на стрес. Истото се се случило и во Раџастан во Индија, кога голем број пациенти по следење на локалните избори побарале психолошка помош.
За кај нас веројатно не се измислени доволно прецизни инструменти кои би ги измериле ефектите на нашата досегашна изложеност на ваквиот стрес. За среќа, како што рече еден мудрец, ако до сега не сме полуделе, и до сега не сме биле нормални.