
Од вкупно 530 смртни случаи регистрирани како последица на ковид-19 во атински болници, само 290 или 54,7% навистина биле предизвикани од коронавирусот, тврди тим од грчки лекари што истражувале лабораториски извештаи и клинички испитувања од седум болници во периодот од јануари до септември во 2022 година, кога циркулираше варијантата омикрон.
Другите 240 пациенти (45,3%) воопшто немале симптоми на ковид, не примале терапија, починале од други јасни причини неповрзани со вирусот, но сепак биле запишани како директни жртви на коронавирусот поради тоа што задолжителниот ПЦР тест им бил позитивен. Како жртви на ковид биле запишани и лица што се заразиле во болница.
Како директна причина за смрт ковид бил запишан за 204 пациенти, но со клинички проверки тоа било потврдено во само 132 случаи. Во 324 случаи коронавирусот бил наведен како индиректен причинител на смртта, но тоа било потврдено кај само 86, односно 26,5%.
Официјалните известувања за стапките на смртност се толку напумпани што сугерира на намерно прекумерното пријавување, изјави лекарот за интерна медицина, Клејтон Џеј Бејкер.
Епидемиологот Николас Хулшер вели дека ова било вообичаена практика низ западните земји, кои користеле слични правила за евидентирање на смрт.
Докторот Карл Јаблоновски, истражувач за здравствена заштита на децата, истакнува уште еден попатен податок. Од 288 пациенти со познат статус на вакцинација што починале „од ковид“, вакцинирани биле 155 или 53,8%, а 102 од нив примиле и „бустер“ дози за засилување на имунизацијата.
Лекарот за јавно здравје и биотехнолошки консултант Дејвид Бел смета дека практиката на претерано пријавување случаи на ковид била поттикната од финансиските и други стимулации што владите им ги давале на болниците.
Постоеше желба да се заработат многу пари од брзо развиените мРНК вакцини. Инфекциите од вирусот САРС-КоВ-2 генерално беа прилично благи. Неопходно беше да се исплашат луѓето дека ковид-19 е многу потежок и многу пораспространет отколку што всушност беше, вели Бел.