Што се смета за „близок контакт“ во смисла на изложеност на ковид-19?
Американскиот центар за превенција и заразни болести во октомври реши да дефинира што значи да се биде во близок контакт со некој кој е заболeн од ковид-19.
Тоа е растојание од 182,88 сантиметри (на Американците им е округло, 6 фита) во времетраење од 15 минути во еден ден. Минутажата е кумулативна, односно се собираат поединечните парчиња изложеност (чувар во затвор заболел иако за цела смена бил во контакт со заболени само 17 минути во неколку наврати).
Методистичките медицинари од Хјустон пак, решиле сликовито да им објаснат на луѓе колку се тие 188 сантима, односно 6 фита. Ако меѓу вас има крава (по должина), раат сте.
Реинфекцијата е можна, но да не паничиме
Хафпост потсетува на случаите за повторно заразување од ковид-19, па и на она кога прележувањето е полошо, за што пишувавме порано (види: Фатил корона два пати, вториот пат било бетер). Сепак, експертите сметаат дека иако оваа опција е можна, досега се покажала како екстремно ретка.
Анти-телата веројатно траат околу 5 месеци.
Тоа прашање е едно од оние кои најмногу го занима човек, дали заради прележување или во врска со идната вакцина. Голема студија на околу 30.000 луѓе објавена во октомври вели дека повеќето луѓе кои имале блага или средна инфекција, во себе ги имаат потребните анти-тела 5 месеци.
И потсетување дека и со ослабнати или исчезнати анти-тела, телото веќе е запознато со каков непријател има работа. Како повторно решавање на Рубикова коцка, можеби не го памтиш баш секој потег, но принципот ти е јасен.
Детските установи сде приличнмо сигурни
Да се отворат или не училиштата и градинките беше огромна глобална дилема во текот на летните распусти. Освен кај нас, каде 200 вработени во Бирото за развој на образованието во август заминаа на колективен одмор. И каде потрошија тестови на вработени во градинки за после тоа воопшто да не ги отворат.
Објавивме пред некој ден: училиштата не се центри за зараза од коронавирус и наспроти стравовите, ковид-19 не се разгори откако повторно се отворија школите и детските дневни центри по нивното затворање во првиот бран од пандемијата.
„Помладите од 12-14 години имаат помали шанси да закачат вирус од возрасните луѓе. Оние до 5 години најмалку пренесуваат вирус но затоа кај адолесцентите, трансмисијата е речиси иста како кај возрасните.“
Некои случаи на ковид-19 го стареат мозокот 10 години
Вакцина или лек уште нема но од огромниот број случаи на коронавирус (во моментов одат кон 50 милиони), станува сè појасно што сè болеста му прави на телото. Иако прелиминарна, една студија од минатиот месец шокираше со сознанието дека и добиена битка со ковид-19 остава тешки ментални проблеми во некои случаи. Студијата е британска, со 84.000 луѓе подложени на неколку теста за интелигенција и когнитивни способности. Кај некои од нив, загубата на менталните капацитети е еквивалентна на 10 годишно стареење, и тоа во широка група од 20 до 70 години. Ако наодите се покажат точни, после останува да се види дали когнитивното стареење е неповратно или можеби мозокот ќе умее да се регенерира.