Американец закачил коронавирус вторпат за многу кратко време. Тоа е првиот ваков случај во САД но постојат други регистрирани, документирани и потврдени вакви случаи во Белгија, Еквадор, Хонг Конг и Холандија.
Она што е загрижувачки во последниот случај е што второто заболување од ковид-19 минало потешко од првото, што не било случај во останатите примери, освен во оној од Еквадор. За да се отстранат сомнежите дека се работи за рецидив од првото заболување, докторите ги споредиле геномите на вирусите во двата наврата и констатирале дека се различни и не се работи за истата инфекција.
25 годишниот дечко од Невада првпат бил позитивен на 18 април, после неколкунеделни проблеми со грло, главоболки, кашлица и дијареа. Комплетно бил излечен до 27 април кога тестовите биле негативни на коронавирус а тоа се потврдило и на два теста во мај. Но, два дена по последниот негативен тест тој повторно развива симптоми, овојпат со треска и температура, за на 5 јуни да е хоспитализиран со проблеми во дишењето и недостаток на кислород во дробовите. Немал никакви коморбидитети (придружни болести) и преживеал, но многу потешко од првиот пат.
Како и за многу други аспекти на оваа болештина, научниците и медицинарите се збунети. Теоретски, првата инфекција треба да доведе до развој на анти-тела кои, во случај и да има повторна реинфекција, би го победиле сега веќе познатиот непријател многу полесно.
Некои од нив шпекулираат дека е можно да дошло до реинфекција заради изложеност на многу поголеми нивоа на вирус од првиот пат или пак дека самиот имун систем го направил вториот пат полош од првиот.
Генерално, не знаат.
За да се утврди точно оваа појава неопходно е геномско секвенционирање и анализа на резултатите а малку се установите кои имаат така опремени лаборатории па најверојатно добар дел од случаите минуваат нерегистрирани.