”Имунитетот на ковид-19 се губи за неколку месеци“, објави Гардијан. Форбс дополнително сосече „Имунитетот исчезнува во рок од неколку недели.“ Некои медиуми пак, ја комплетираа сликата напоменувајќи да не се надеваме ни на имунитет ни на вакцина.
Импликациите од најновите сознанија се депримирачки. Ако навежбаноста на нашиот организам да се справи со коронавирусот има така кратко траење, тогаш надежите за постигнување колективен имунитет паѓаат во вода. А тогаш и во вакцина џабе се крстиме бидејќи таа би била делотворна исто така само во краток период.
Имунитетот е целуларна меморија. Кога нашиот организам се бори со инфекција, сакаме имуниот систем да запамти како повторно да ја победи ако дојде до тоа, исто како кога треба да поминеш ниво во игрица кое веќе си го поминал. Ако тоа знаење испари за неколку недели, секоја повторена инфекција е можност нивото да не се помине. А „инсерт коин“ не постои.
Сепак, во студијата од која се извлекуваа ваквите наслови постоат три работи кои треба да се знаат пред да се падне во апокалиптични депресии.
Прво, кога патоген влегува во нашето тело, нашиот имунолошки систем мобилизира две протеински армии: екипа од Б клетки и екипа од Т клетки. Поедноставено, Б клетките се оние кои ги пресретнуваат непријателот и пробуваат да го локализираат, додека Т клетките се оние кои доаѓаат и ги уништуваат заразените клетки. Студијата на Кралскиот колеџ ги мерела замо првите. Тоа е како да се проценува моќ на некое воено воздухопловство без да се земат предвид неговите бомбардери. А постои студија од Стразбур дека некои луѓе кои се опоравуваат од ковид-19 покажуваат силна Т-реакција без помош од детектирачките Б анти-тела.
Второ, падот на анти-телата за ковид-19 е проблематичен но не мора да е и катастрофален.
„Не е необично бројот на анти-тела да падне за неколку месеци. Кај вакцината за сипаници, за шест месеци се забележува намалување на имунолошката реакција и до 75%, па сепак, таа вакцина трае со децении,“ вели вирологот Шејн Кроти.
Трето, можеби и со мал број анти-тела можеме да го победиме ковид-19 во следната прилика затоа што активните анти-тела ќе ја алармираат „пошироката јавност“ и повторно ќе се состават армиите. Отприлика како кога повторно се склопува Рубикова коцка - не го памтиш баш секој потег, ама јасна ти е шемата како тоа одеше.
Сепак, заебани се тоа болештини, како што пишувавме во статијата „Сипаниците ја бришат меморијата на имунолошкиот систем“