Парадоксот на правото да одбиеш вакцина

Децата имигранти од Централна Америка што на диво пристигнуваат во Тексас е поверојатно да бидат подобро вакцинирани, отколку децата родени и израснати во Тексас.

Кај Американците крената е паниката (Фокс Њуз + републиканци) околу митот за заразените имигранти, кои на диво влегуваат во САД со себе носејќи болести како "заушки, сипаници, рубеола, детска парализа, тетанус и дифтерија."

Анализата ја прави Тексас Обсервер, кој објаснува дека на пример во Гватемала има државно здравство со кое се осигурени сите граѓани, а вакцините се задолжителни и 100% платени од Владата.

"За споредба, во Тексас секое 6-то дете не е осигурено, а дури и осигурените семејства често мораат да плаќаат за вакцина. Ова значи дека децата од Тексас заостануваат со вакцинацијата или пак комплетно ја прескокнуваат затоа што нивните семејства не можат да си ја дозволат. Други семејства едноставно одбиваат вакцинирање," пишува Тексас Обсервер околу ширењето на стравот.

Инаку 93% од децата во Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор се вакцинирани од сипаници, наспроти 92% од американските деца.

Една од болестите на која најмногу се шири паниката е туберкулоза, посебно со приказните за отпорните видови туберколози. И кај неа реалноста е слична како и кај останатите заболувања, бидејќи според СЗО на ниво на Централна Америка 90% од популацијата е вакцинирана во животот.

"Постојат легитимни здравствени грижи кои се поврзани со човечката миграција. Меѓутоа идејата дека имигрантите, како овие деца, се посебно заразени и болни, е многу повеќе поврзана со стравот отколку со науката," порачуваат од Тексас Обсервер.

11 јули 2014 - 15:59