Прв факт што тие го наведуваат е дека ковид-19 секаде има експоненцијален раст во однос на почетниот број на случаи. Во Вухан, на 23-ти јануари имаше 444 случаи, за веќе на 30-ти да има 4.903 случаи. Една недела по ова, тие достигнуваат до 22.112 случаи.
Во Италија на 22-ри февруари се идентификувани 62 случаи, на 29-ти стигнуваат до 888, за на 6-ти март тоа да порасне до 4.636 случаи.
Втор факт е дека болеста е посмртоносна од сезонски грип. Според СЗО моментално смртноста од вирусот на светско ниво е на 3,4%, меѓутоа Италија има пријавено околу 5%. Овие бројки може да се претерани, затоа што умерените случаи на болеста е помалку веројатно да бидат дијагностицирани и пријавени во болница; или потценување бидејќи се уште има пациенти со вирусот кои не закрепнале и не се знае како ќе завршат.
Третиот факт е дека до сега само една мерка се покажала ефикасна против вирусот: екстремно социјално дистанцирање. Пред Кина да ги откаже сите јавни собири, да побара од најголемиот дел од граѓаните да се само-изолираат, и да ги запечати најтешко погодените региони „вирусот се ширеше со експоненцијална стапка, откако властите го наметнаа социјалното дистанцирање, бројот на нови случаи почна да паѓа; сега, барем според официјални бројки, секој ден има повеќе вести за пациенти кои оздравеле отколку за ново заразени пациенти.“
„Овие три факти имплицираат едноставен заклучок коронавирусот може да се шири со застрашувачка брзина, да го преоптовари нашиот здравствен систем и да однесе човечки жртви, се додека не прифатиме сериозни форми на социјално дистанцирање.
Тоа подразбира дека секој што е на позиција на власт, наместо да ја релативизира опасноста од коронавирусот, треба да побара луѓето да се држат на страна од јавни простори, да откажат големи собири, и да ги забрани најголемиот број форми на патување,“ пишува Јаша Моунк во текстот за Атлантик.
За надополнување на својата анализа Моунк го дава примерот со епидемијата на Шпански грип во САД во 1918. Тогашните здравствени власти на Филаделфија решаваат да го дозволат одржувањето на големата парада во градот на 28 септември, на која учествуваат околу 200.000 луѓе. Во следните денови и недели, градските мртовечници се преполнуваат со жртви од епидемијата, а до крајот на епидемијата умираат околу 12.000 жители на градот.
Како мерки што тој ги предлага доколку властите не се одлучат да воведат задолжително изолирање, е играње спортски натпревари пред празни трибини, откажување конференции и семинари до есен, работење од дома, он-лајн предавања за учениците и студентите, и откажување на политичките митинзи за претседателските кандидати.