
Средството омализумаб, во продажба под името Xolair, кое уште пред 20 години е одобрено лек за астма, на неодамнешни клинички испитувања се покажало како поефикасно од антихистамините за третирање на сезонски алергии.
Испитувањата се во завршна фаза, но во Кина неодамна бил одобрен лекот стапокибарт за третман на сезонска алергија, а некои лекари во САД веќе им препишуваат Xolair на пациенти за време на сезоната на поленска треска. Тоа е инјекција што се дава неколку недели пред да почне да расте нивото на полен и трева.
Очигледната полза е тоа што една инјекција може да спречи поленска треска цела пролетна сезона. Но, омализумаб има потенцијал да ги запре сите реакции, како алергии на кикирики и други видови храна.
Долгорочното дејство му го даваат моноклоналните антитела, вештачки протеини што го блокираат изворот на алергиската реакција. Кога поленот и другите алергени навлегуваат во телото преку очите, ушите или носот, имунолошкиот систем реагира претерано. Имуноглобулинот, протеин што ги идентификува и ги напаѓа паразитите или вирусот, тргнува по инаку безопасниот алерген. Телото ослободува хистамин, хемикалија критична за воспаление, кој лачи слуз и тера на кивање.
Моноклоналните антитела го запираат тој процес пред да почне. Тие испорачуваат вештачки протеини со инструкции до имунолошкиот систем да ги блокира рецепторите кои создаваат алергиски реакции и да го спречи прекумерниот одговор.
Терапии базирани на антитела истовремено ќе влијаат на сите алергени на пациентот. Алергиите на полен и на храна често пати се појавуваат паралелно. Омализумаб има потенцијал да ги запре двете, објаснува Сајантани Синдер, професорка во Центарот за алергии и астма на Универзитетот Стенфорд.
Студија од 2022 година покажа дека пациентите кои примиле инјекција од 300 милиграми Xolair имале поблаги симптоми и пријавиле подобар квалитет на живот во сезоната на алергии во споредба со луѓето што земале само дневен лек. Забележани биле и помалку непосакувани ефекти. Особено биле полезни кај пациенти што стекнале толеранција на антихистамини поради често користење.
Дупилумаб, друг третман со моноклонални антитела што се користи за осип на кожата, астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) е насочен кон друг рецептор, но исто така покажува ветувачки резултати во досегашните студии. При студија од 2018 година, пациенти со астма што страдаат од сезонски алергии добивале инјекција од 300 милиграми на секои две недели и покажале значителни подобрувања во назалната блокада.