Како што знаете, ова е дел од последната реформска одлука на министерот. Гледате како Никола храбро и решително ги утврди приоритетите во неговата сфера.
Како што знаат сите економски теоретичари, женските блузи на прерамки се смртен непријател на секоја макрофинансиска стабилност а сукњите над колена прават жестоки дупки во приходната страна на буџетот. Да не зборуваме како флуорецентните бои на државните службенички ги убиваат сите шанси за нов Фесал кредит од ММФ.
Пусти Никола, се зафатил со ѓаволски тешка работа. Свесен ли е какви компликации можат да изникнат од некои недоволно прецизирани формулации на неговата маоистичка одлука?
Што значи на пример она 'забрането е да се носат блузи со длабоки деколтеа'. Што е длабоко деколте? Колку длабоко треба да биде едно деколте за да биде длабоко?
И како ќе се разрешуваат споровите во оваа област? Ќе се оди на второстепена инстанца или треба да очекуваме затворени судски процеси од кои ќе протекуваат пикантни детали за изложените корпус деликти?
Или и овојпат, на министерот ќе му се даде дискреционо право да пресекува, што подразбира манијачки да шета по службите и од око да ја проценува голотијата на вработените?
******************
Ако во некој поглед ве збунува овој текст, треба да знаете дека е пишуван пред 10 години. Не за министерот на ВМРО за здравство Никола Тодоров туку за министерот на СДСМ за финансии, Никола Поповски кој своевремено на истоветен начин како Тодоров реши да се позанимава со горливите и ургентни проблеми во својот ресор. Инаку, како што гледате, сè друго е исто.