Вакцините во принцип се едноставни но се сложени во пракса. Идеалната вакцина треба да штити од инфекција, да спречува нејзино ширење и тоа да го прави безбедно за луѓето кои ја добиле. Ниедна од овие цели не е лесна.
Повеќе од 30 години откако научниците го изолираа вирусот ХИВ, вакцина за него сè уште нема. Денга треската е идентификувана во 1943 година, првата вакцина беше одобрена дури лани. Најбрзо до вакцини се дојде за заушки, за само 4 години.
На вакцина за новиот коронавирус не се почнува од нула бидејќи претходно се има работено за Сарс и Мерс. Не се дојде до вакцина за нив затоа што Сарс-от спласна, а Мерс-от остана регионален.
Главната загриженост околу вакцина за Sars-CoV-2, е дека тој вирус не повлекува долгорочен имунитет. Истражувачи од Оксфорд неодамна испитуваа крв од опоравени од ковид-19 и утврдија дека нивото на антитела е висок првиот месец, но потоа почнува да паѓа.
„Ако природната инфекција не ви дава многу имунитет освен кога е жесток случај, што ќе направи вакцината?“ вели искусен истражувач на коронавируси од Ајова. Ако евентуалната вакцина дава имунитет само за една година, на присуство на вирусот ќе мора да навикнуваме.
Важна е и генетската стабилност на вирусот. Некои од нив, како грипот, мутираат така рапидно што за секоја година мора да се развива нова вакцина. Исто е и со ХИВ. Засега, новиот коронавирус се чини стабилен, но постојано работи на свои мутации (види „Вирусот мутира но тоа му е работа“).
Огромен предизвик е и безбедноста на вакцината со оглед на тоа што би требало да ја примат милиони или пак милијарди здрави луѓе. Кога се бараше вакцина за Сарс пред 15 години, беа детектирани хепатитиси или пак претерано возбудување на имунолошкиот систем што доведува до цитокински бури (види „Не само вирусот, нè убива и сопствениот имунолошки систем“).
Во моментов ширум светов се работи на преку 100 проекти за доаѓање до вакцина во кои се користат дури 8 различни пристапи кон темата: од внесување ослабени и неактивни вируси до технологии за внесување генетски кодови во клетките на примачот, за да се разбуди производството на анти-тела.
Во моментов, науката не е сигурна ни дали вакцината воопшто може да предизвика имунолошки одговор, признаваат во СЗО, а не па дека може да се наштима пожелното ниво на реакцијата. Вакцината на која се работи во Оксфорд, не ги штити заморчињата (мајмуни) да го закачат вирусот но помага да не развијат пневмонија, која е главната причина за смрт кај заболените.
Многумина велат дека едноставно ќе мора да живееме по нови правила и тоа на долг рок, ако не и засекогаш. Стручњаци од Хонг Конг најавуваат дека веројатно маски ќе мора да се носат на неодредено време во јавниот транспорт и други гужви и дека уште долго на концерти нема да се продава храна или пијалоци.