Според Вашингтон Пост, од 100 до 500 луѓе годишно прават операција за промена на полот во САД. Во Британија од 2009-та до денес направени се 143 вакви операции. Процените се дека во Србија секоја година околу 100 транс луѓе доаѓаат заради операција.
Др. Мирослав Ѓорѓевиќ, раководител на белградскиот Центар за реконструктивна хирургија на гениталии, објаснува дека Србија од старт е поевтина за која било хируршка интервенција во споредба со Западот.
"Ако сакаш да оперираш жолчка, тоа тука е евтина операција - 15 пати поевтино отколку во Америка - ама никој не доаѓа тука за тоа. Причината зошто доаѓаат е заради квалитетот кој го нудиме, хируршките техники кои ги имаме креирано и унапредено до точка по која пациентите велат 'сакам да одам во Белград,'" објаснува Ѓорѓевиќ.
Белградскиот центар има посебно висока репутација околу правењето на операции за промена на полот на жените, која генерално е покомпликувана отколку операцијата во спротивен правец. Според Ѓорѓевиќ тие толку се напред со материјалот што успеале неколку подолги операции да ги спојат во една 6-часовна процедура.
Еден од американските пациенти на Ѓорѓевиќ објаснува дека одбрал да оди во Белград на операција затоа што "Миро пред се е уролог, а најголем дел од останатите хирурзи се пластични хирурзи. Мене ми треба да можам да уринирам од пенисот после операцијата, а не само нешто што е естетски пријатно."
Истиот пациент посебно ја фали услужливоста на Ѓорѓевиќ. Откако контактирал 4 доктори, тројца во САД и еден во Белград, пациентот добил директен контакт од само еден американски хирург, а другите двајца го препратиле да пополни онлајн апликација. Белградскиот центар одма му одговорил на барањето.
"Миро и јас се договоривме да се сретнеме во САД. Се видовме и тој мина речиси четири часа со мене, разгледувајќи ја мојата медицинска историја и одговарајќи на прашања. Ме гледаше како човек, и зборуваше и ме третираше со највисока почит," раскажува пациентот.
Ѓорѓевиќ објаснува дека не е само тој одговорен за професионалноста на Центарот, туку самото законодавство во Србија не дозволува да се случи каква било измама на пациентот. Прво пациентот минува една година прелиминарни ментални проценки, во кои тој е евалуиран од психолози и ендокринолози, по ова следуваат 6 до 12 месеци хормонална терапија, па дури потоа се оди на операција.
Првата операција за промена на пол во Србија е извршена во 1989-та, од урологот др. Сава Перовиќ, кој е познат низ цела Југославија по успешноста во коригирање на деформитети на гениталиите на децата. Ѓорѓевиќ, инаку ученик на Перовиќ, раскажува како еден маж му влегол во амбуланта на Перовиќ, и со повишен тон објаснил дека тој всушност е жена и повеќе не може да го трпи машкиот полов орган на него. По овој инцидент Перовиќ дополнително се заинтересирал околу половата дисфорија, пред да ја спроведе првата операција во 1989-та. Перовиќ во следните 5 години ја усовршува техниката и обучува локални хирурзи, меѓу кои е и Ѓорѓевиќ.