Масовниот редизајн на здравството на Сингапур започнува по САРС вирусот во кој загинуваат 33 негови жители. Кога во 2009 им дојде Х1Н1 тие ги активираат сите мерки што ги воведуваат по САРС, и сфаќаат дека станува збор за многу поразлична болест, па тоа што се надеваат дека ќе им функционира не им успева. Поучени од ова тие пак се апдејтуваат, а освен нив, застрашени од масовната на нивниот најголем сосед, слични мерки преземаат и Хонгконг, Тајван, Јапонија и Јужна Кореја.
Како што ковид-19 почна да се шири така Сингапур без многу размислување воведе стриктна контрола на патување и протоколи за идентификување на болни поединци, како да им се помогне и како да се откријат луѓето што биле во контакт со нив. Паралелно со ова владата на Сингапур детално објавуваше колку луѓе се тестирани за вирусот, локацијата и природата на социјалните контакти на истите тие луѓе.
Додека остатокот од светот се ценкаше околу откажување на најразлични масовни настани, владите на овие држави воведоа мерки за социјално дистанцирање, и забранија масовни собири, затворија училишта и им порачаа на луѓето да седат дома. Како резултат (на ова и други мерки) сите овие држави, и покрај тоа што се во близина на Кина, имаат помал број на заразени и жртви од Кина или Италија. Така, Јужна Кореја има 0,8% стапка на смртност од ковид-19.
На страна тоа што се случува во јавност, Хонгконг, Јапонија и Сингапур речиси веднаш по објавувањето на генетски информации на вирусот развија сопствени тестови за ковид-19, и го зголемија производството на материјали неопходни за тие тестови. Тие воведоа дополнителна контрола на имиграцијата (наспроти советите на СЗО), го изменија сопствениот финансиски систем за да се осигурат дека луѓето не мора да плаќаат за тестови или лекување од вирусот.
На 20-ти јануари, кога Кина имаше пријавено само неколку случаи на болеста, Тајван го активираше Командниот центар за епидемии, креиран по САРС, за да ја координира одбраната од вирусот. Меѓу другите мерки, центарот ја ограничи цената на лична заштитна опрема како маски, и распореди припадници на војската да помогнат во зголемување на производството на истите.
Во Сингапур за сето ова време граѓаните се информираат преку неколку владини веб-страни кои постојано се апдејтуваат, и преку владината Вотсап сметка. Затоа што покачената температура е еден од главните симптоми, на луѓето им се мери температура пред да влезат во најголемиот дел од зградите, фирмите, училиштата, вежбалните или владини згради.
Во текстот на Вајрд се цитира Мартин Хиберд, научник од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина кој им работено во Сингапур на САРС, а сега е во градот и работи на коронавирусот.
„Во секој лифт што се возам има известување што треба да правам. Секаде каде што се движиш има информации... Постои доверба во тие информации, во владата и во тоа што тие го кажуваат, и постои очекување дека треба да ги следиш,“ објаснува Хиберд.
Едно од искуствата од времето на САРС кое и денес се практикува во одделот за радиологија на Општата болница во Сингапур е тимовите здравствени работници да се држат одделно еден од друг во случај некој од нив да треба да се стави во карантин, како и физичка сепарација на различни видови пациенти.
Очекувањата на Хиберд се дека ако ситуацијата почне да излегува од контрола, властите на Сингапур ќе го сменат пристапот и „нема да го проверуваат секој случај туку ќе ги идентификуваат и третираат само оние случаи кои се најризични“. Во ова огромна работа врши постојаното тестирање, со што се изолираат поблагите случаи за кои не мора одење во болница, што сериозно го намалува притисокот врз здравството, а во исто време даваат прецизна слика за ширењето на болеста и факторите околу нејзе.