Комисијата соопшти дека шесте земји членки (Франција, Германија, Унгарија, Италија, Романија и Британија) не успеале да испорачаат „кредибилни, ефикасни и навремени мерки за намалување на загадувањето што е можно побрзо, како што од нив се бара со законите на ЕУ.“ Наспроти нив, јануарската група составена од Чешка, Словачка и Шпанија, „испорачала задоволителни мерки“ откако беше укорена по иста основа на почетокот од годинава.
Инаку, британската влада има воведено мерки со кои ги остварува сите барања на ЕУ за квалитет на воздухот, освен границата за азот двооксид.
Планот на британската влада за справување за загадувањето, од кој не се задоволни ни докторите ни градските власти, се базира на буџет од 3,5 милијарди фунти.
Загадувањето на воздухот со азот двооксид годишно во Британија предизвикува околу 23.500 смртни случаи, а земјата минатиот септември беше укорена и од Обединетите нации дека ја ескивира својата должност да ги заштити животите и здравјето на своите граѓани.
Досегашните истражувања на британската влада покажале дека најефикасна мерка за намалување на загадувањето е формирање на зоните на чист воздух, што во основа се централни градски подрачја во кои се наплаќаат високи надоместоци за влез со автомобил.
Сега случајот се префрла во Европскиот суд на правдата (чија јурисдикција заради брегзит е малку матна кога е Британија во прашање) кој треба првото сослушување да го одржи за неколку месеци. Доколку ги прогласи виновни за прекршување на законите, членките добиваат одреден период за решавање на ситуацијата. Ако и по овој период не ги испорачаат потребните резултати судот може да им изрече мулти-милионски казни.