Далеку сме ние од имунитет на стадото

До култура на стадото одамна имаме стигнато, особено во поглед на менталитетот кој го манифестираме во нашите Фејсбук трла и Твитер бачила. Но, до имунитет на стадото имаме уште да весламе.

На коронавирусот веројатно ѝ претстојат уште долги и бериќетни жетви. Човекот има две главни надежи во битката со овој непријател.Ефикасна и безбедна вакцина или постигнување на таканаречен имунитет на стадото, состојба во која после одреден степен на имунизирани членови, вирусот има проблем да најде нови домаќини (зезнато како да бараш слободна женска на родителски состанок).

Околу нашето прво оружје, вакцината, постојат многу непознаници и предизвици за што пишувавме во „Не кладете се дека ќе има вакцина“. А општиот имунитет е далеку од актуелниот момент.

На кој степен се постигнува имунитет на стадо за коронавирус сè уште не е прецизно и недвосмилесно утврдено но научниците оперираат со пожелен процент од 60%-80%. 

Иако официјалните, државни статистики даваат значајно помал број на заразени од коронавирус (заради асимптоматските случаи), и нови студии кои се темелат на пошироки тестирања велат дека уште сме на едноцифрени проценти на луѓе кои имаат анти-тела на вирусот.  .

И земји кои пробаа без рестрикции на социјалните контакти, како Шведска и краткотрајно Велика Британија, се далеку од целта. Дури и во овие места процентот на оние кои минале низ заразата е меѓу 7% и 17%. Една болница во Вухан има само 10 проценти од екипажот кои имаат анти-тела. А постои студија која тврди дека Њујорк е на околу 20%.

Посакуваните 60% се далеку за сите а човештвото не познава метод таа имунизираност да се билда на безбеден начин и да се избегне стампедо како во Италија.

 

 

 

31 мај 2020 - 20:01