Ајде малку искреност во моделирањето на пандемијата, насловно запомага статијата која се занимава со деновиве често објавуваните модели кои се користат за да се долови поентата дека ако останеме дома, практицираме радикално социјално дистанцирање и го прифатиме општиот катанец неколку месеци, ќе се превенираат многу смртни случаи од ковид-19.
На пример, таква е новата студија на Кристофер Мареј од Универзитетот во Вашингтон по која со мерките за ублажување во период од 4 месеци, вкупниот број смртни случаи во САД ќе биде задржан под 100.000.
Или пак моделот на група истражувачи објавен од Николас Кристоф од Њујорк Тајмс чија главна поента е дека социјалната дистанца од два месеца наспроти две недели, драматично би го намалила бројот на ковид инфекции.
Криење на инфекциите во иднината не е исто што и нивно елиминирање!
На последната табела, внимателен читател може да забележи дека на крајот од трендот (кај сценариото 2 месеца), на самата опашка, има едно интригантно покачување (можеби експоненцијално?) на кривата кое бива прекинато „на најинтересното“.
Тоа е така поради природниот модел на епидемија на една болест: штом мерките за нејзино ублажување ги снема, таа се враќа на нејзината вродена стапка на заразност, барем додека значителен дел од популацијата не „ја прележи“ инфекцијата или пак се развие ефикасна вакцина за неа. Во моделот на статијата на Кристоф, тоа е избуткано надвор од видниот круг.
Но, ако тој модел „се хакне“ и се остави да трае до октомври, се добиваат фрапантно лоши резултати.
Наместо ова (десната страна):
За сценариото од „2 месеца“ се добива ова:
Ова значи дека двомесечни мерки за ублажување на здравствената криза не го подобриле резултатот од епидемијата, само го одложиле, со ужасни последици. Всушност, поради улогата на временските услови во моделот презентиран кај Кристоф, двомесечниот катанец реално ќе резултира со 50% повеќе инфекции и смртни случаи отколку двонеделниот карантин бидејќи фамозниот пик на епидемијата би се избуткал во зима наместо на лето чии месеци имаат температури на кои и самиот модел претпоставува дека побавно се шири заразата.
Сето ова не враќа на она што го пренесовме кон крајот на февруари во „Без паника, веројатнo сите ќе фатиме коронавирус“. Времетраењето на карантинот е небитно ако после него, стапката на трансмисија се врати на својата нормална вредност. Сè додека големо мнозинство од популацијата остане „сочувана“ од контакт со вирусот, после карантинот пак ќе дојде до епидемија речиси иста каква би се случила без никакви мерки.
Не дека нема добри причини за преземање мерки за ублажување на кривата: со нив се спречува колапс на здравствениот систем и се купува време, но тоа купено време врши работа само ако се искористи за нешто: за подобрување на системот, за засилување на капацитетите, за смислување поефикасни стратегии, за добивање вакцина.... Само по себе, купеното време и ублажената крива не спасуваат животи.
И можеби најважна од сè е довербата бидејќи каква и стратегија да се одбере, таа ќе зависи од тоа колку граѓаните ќе веруваат во нејзината целисходност. Јавноста не треба да биде погрешно водена со лажни приказни во надеж дека на кратки патеки тие ќе го мотивираат примерното однесување на луѓето.
Јавното здравје зависи од довербата на јавноста:
„Ако сега тврдиме дека двомесечен карантин ќе ја намали смртта за 90%, кој ќе ни верува после два месеца, кога приказната ќе се смени?“, прашуваат научниците Марија Чикина и Весли Педген.