По укинување на трговското ембарго, американскиот Roswell Park Cancer Institute многу брзо потпиша договор со кубанскиот Центар за молекуларна имунологија за развој на вакцина со која се дозволуваат клинички тестирања на фамозниот кубански производ Cimavax за кој се тврди дека е ефикасен во борбата против ракот на белите дробови.
Велат дека Цимавакс ги спречува туморите да се развијат во малигна форма и тој во Куба се развива цели 25 години. На кубанските пациенти им е достапен од пред 4 години.
Американското ембарго ја разори кубанската индустрија и економија на многу начини но тамошната биотехнологија успевала да се развива и во такви услови.
"Тие мораа со малку да постигнат многу и за да имаат резултати мораа да бидат многу поиновативни во пристапот на проблемите. Цели 40 години Куба има фасцинантна имунолошката заедница," призна еден нивен американски колега.
Наспроти децении на брутални и бесмислени економски санкции, и Фидел и Раул Кастро ја фаворизираа биотехнологијата и медицинските истражувања, особено во областа на превентивната едицина. Од првиот нивен голем успех со производството на интерферонот, кубанските имунолози имаат развиено уште неколку сопствени вакцини, вклучувајќи ги оние за менингитис, хепатитис како и добивање антитела потребни при трансплантација на бубрези.
Цимаваксот не го напаѓа ракот директно туку оди по протеинот којшто тој го создава што пак го поттикнува организмот да создава анти-тела. Неговата клучна улога е да го сопре растот на туморот и неговото метастазирање со што го претвора во нешто хронично и контролирано.