Учете ги децата да летаат со паметот

Денешните деца се преморени - главно затоа што не ги добиваат за нив потребните девет часа спиење. Наместо да се инсистира на тоа децата да спијат, можеби треба да се промовира и нешто од што можат да научат и возрасните - релаксацијата позната како „сонување на јаве".

Оваа активност само навидум делува како губење време. Лутањето со умот, кое се случува кога мозокот не прима какви и да е други дразби, прави тој да се ослободува од стегите на секојдневните грижи. Телевизијата, видео игрите и другите електронски упади во вниманието го спречуваат детето да се опушти, бидејќи го прекинуваат текот на мисли и спомени кои ја формираат основата на позитивното, продуктивно „зјаење во празно".

Легендарниот когнитивен психолог Џером Л. Сингер оди до таму што сонувањето на јаве го нарекува „наша фундаментална ментална состојба". Во неговата книга од 1966, „Сонување на јаве: вовед во експериментална студија на внатрешното искуство", тој вели дека секој од нас има две ментални мрежи: работна меморија и „зјаење". Обете не можат да функционираат истовремено, па кога ја ангажираме мрежата одговорна за извршување работни задачи мораме да ја исклучиме другата. Двете форми на мислење се можеби различни, и меѓусебно исклучиви, но тие се подеднакво неопходни за нашето емоционално и интелектуално здравје.

И од аспект на психолозите, но и од аспект на невролозите, она што се случува во мозокот додека навидум дремеме е сложен и крајно продуктивен невролошки процес. Всушност гледано од внатре, нашите деца го истражуваат единствениот простор во кој се навистина автономни: нивните сопствени умови.

Затоа, она што им се препорачува на наставниците и родителите е следното: не го прекинувајте детето во неговото „зјаење во празно". Охрабрувајте ги децата да шетаат во природа без електронски направи со себе. Објаснете им дека тишината е важна за нивното здравје исто како и спиењето. Сериозно анализирајте го количеството време кое детето го минува играјќи игрици, одговарајќи на пораки, гледајќи телевизија. Но, пред сето ова да биде возможно, повторно откријте ја вашата сопствена способност да го сторите истото. Добро, не баш сега. Кога ќе завршите со читањето на текстов, кликнувањето лајк, фејвањето, отворањето нов текст....

21 октомври 2013 - 16:28