Пластичната планета стана населена

Пластиката што плови во масивниот остров од ѓубре во Тихиот океан станала дом на чудни нови мешавини на крајбрежни и морски видови. Накратко, човечкото ѓубре има создадено мини планета за видови кои обично не би се сретнале а денес живеат во заедница. Таквите неприродни заедници може да станат опасни по еко-системите.

Познато е дека животни како црви, ракови и мекотели можат да се вдомат на пластични остатоци. Животни го имаат преминато Тихиот Океан на вакви импровизирани сплавови по разорното цунами што ја погоди Јапонија во 2011 година.

Но, ново истражување објавено во списанието Природна екологија и еволуција додава детали кои би можеле да бидат загрижувачки за постоечките екосистеми. На пример дека некои од овие видови почнале да се размножуваат иако не се наоѓаат во својата природна средина.

Во северниот дел на Пацификот, онаму каде што се судираат струите, плови огромен куп ѓубре од 79.000 метрички тони пластичен отпад. Научниците идентификувале 484 безрбетници. Меѓу другото, таму живеат медузи, сунѓери, црви и други организми. Добар дел од нив обично живеат на бреговите или крајбрежните води.

Овие нови неприродни заедници ги зголемуваат шансите за биолошки инвазии кои ќе направат хаос на блиските екосистеми, пишува Сајентифик Американ.

 

 

20 април 2023 - 19:13