Патиките на Најк што ја пореметија дисциплината маратон

Во процедура која е стандардно резервирана за стероиди и нови допинг суплементи, World Athletics (поранешна ИААФ) спроведе истрага дали користењето на Најк Вејпорфлај патиките е исто што и мамење, и како резултат на тоа се очекува да ги промени правилата.

На истрагата е претходеше серија паднати рекорди во трчање за само една година, и сите беа соборени од маратонци што ги носеа патиките на Најк.

Најк Вејпорфлај прв пат добија на слава на Олимпијадата 2016, кога беа носени од првите тројца на машкиот маратон во Рио.

Овој модел, поточно нивната понова верзија, Најк Алфафлај, ги носеше и Елиуд Кипчоге кога мината година во Виена за прв пат во историјата истрча маратон под два часа. Овој модел Кипчоге го носеше и кога го постави официјалниот светски рекорд за маратон, од 2:01:39, што е подобрување од 78 секунди во споредба со претходниот и е најголемото подобрување во последните 50 години. (Маратонот во Виена беше неофицијален па резултатот не се смета за свески рекорд).

Инаку, Најк е крајно заштитнички настроен кон Алфафлај моделот, и за сега не постои можност тој да биде купен од обичен цивил.

Од целиот тим само Кипчоге е опремен со Алфафлај

Сонародничката на Кипчоге, Кенијката Бриџид Косџеи, постави светски рекорд на маратон во женска конкуренција во најновата верзија на патиките, трчајќи ја патеката за 2:14:4, што е 81 секунда побрзо од претходниот.

Успех со адаптирана верзија на Најк Вејпорфлај имаше и Холанѓанката Сифан Хасан која освои дупло злато на светското првенство во Доха во септември минатата година, победувајќи на 1.500 и 10.000 метри.

Јапонката Марико Југета, со Вејпорфлај патики, стана првата жена над 60 години која истрчала маратон под 3 часа.

Анализа објавена од Њујорк тајмс покажува дека маратонците кои носеле Најк Зум Вејпорфлај 4% или Зум Вејпорфлај Некст% во просек трчале 4-5% побрзо отколку оние што носеле просечни професионални патики. Анализата ги потврдува и заклучоците на Најк кои на името на патиката му додаваат 4% како знак дека трчачите што ја носат можат за толку да бидат поефикасни.

Во една малку поинаква математика спортските научници пресметале дека со физичкиот напор што Кипчоге го вложува за да го постигне рекордот од 2:01:39 со Најк Алфафлај, патеката ќе можел да ја истрча за дури 2 часа и 3 минути доколку носел регуларни патики за трчање.

Најк во промоцијата за патиките објаснува дека тие имаат „вградено тајно оружје - целосна плочка од карбон-фибер (сместена под влошката во „ѓонот“ на патиката), која создава забрзувачко чувство што помага за забрзување на темпото“.

Во 2019 се истрчани 8 од 12-те најбрзи маратони во историјата.

 

24 јануари 2020 - 17:11