Неформалниот пантеон на западната филозофија вообичаено ги содржи имињата на Аристотел, Сократ, Кант, Декарт, Хјум, Лок.... Ретки се големите, како Витгенштајн, кои живееле во 20-от век. И покрај различните можни варијанти на ваквите списоци, едно име не може да се заобиколи, а често се наоѓа и на врвот - она на Платон. Дали Платон навистина бил генијален филозоф, или неговата предност е просто во тоа што се родил многу одамна?
За почеток, еве како растеше светската популација:
500 п.н.е. светската популација се проценува на 100 милиони луѓе; во 2.000 сме биле 6,1 милијарди - 60 пати повеќе. Така, ако случајно извлекуваме луѓе родени од почетокот на Западната цивилизација, најголеми се шансите тие да бидат блиску до нас. А кога вадиме филозофи сите се од памтивек.
Да претпоставиме дека за да се биде голем филозоф човек треба да е способен да се занимава со филозија, и да претпоставиме дека таа способност е целосно вродена. Во таква ситуација би се очекувало филозофската величина да е дел од некаква природна лотарија, и дека најважните филозофи на сите времиња би биле среќниците родени со најголемата филозофска вештина.
Ајде да видиме како оваа замислена логика се вклопува во времето и на местото каде што се родил и живеел Платон. Населението на Атика во четвртиот век п.н.е. се претпоставува дека броело 250-300 илјади луѓе (не биле сите тие граѓани ама остајте тоа сега). Современа Атика (малку географски поголема од онаа во времето на Платон) брои 3,8 милиони. Под претпоставка дека Платон бил филозофски најспособниот во регионот на Атика, тоа го прави еден во 300.000. Модерна Атика, по таа статистичка логика, би требало да има 13 Платони. Исто така статистички, Платон не би требало да е нешто подобар од сите нив, туку во најмала рака еднаков.
Јанис Бехракис, автор на текст на оваа тема во Кварц вели дека е сигурен дека во модерна Атина има и имало филозофи на негово или дури и на повисоко ниво од Платон, но сепак ниту еден од нив не ја доживеал неговата слава. Да е тој жив денес, наместо да биде признат како еден од најголемите филозофи на сите времиња, веројатно би се мачел да стане професор на факултет.
Овој пример ги става под знак прашање начините на кои дефинираме дали некој бил „најдобар", „најзначаен" и „голем". За кое време зборуваме? Кој географски регион и кој културен контекст? Необично е што согласно горенаведеното објаснување, дури тројца (Платон, Аристотел и Сократ) се постојано меѓу „најголемите", а се дел од исто население, кое живеело во релативно близок историски период.
Но зошто модерна Атина нема повеќе од 13 Платоновци? Многу фактори играат улога во тоа некој којшто е природно надарен да ја развие својата филозофска вештина. Модерното општество барем на прв поглед нуди многу подобри услови за ваквиот развој. Еве некои од нив:
1. Колку и да си надарен, тешко е да станеш голем филозоф ако умреш како дете. Не ја знаеме точно стапката на смртност кај децата во древна Грција, но сигурно била поголема од денес.
2. Дури и да не умреш, може да станеш интелектуално и физички попречен заради болести или повреди во детството или раната младост, кои денес многу полесно се надминуваат.
3. Пристапот на оние кои не биле бели богати луѓе до образование и можностите тие да учествуваат во јавниот живот биле многу помали, а истото важи особено за жените и некогашните робови.
4. Светот денес е побогат и побезбеден, па луѓето можат порелаксирано да се посветат на филозофски размисли, со оглед на тоа што некои од нив (повеќе од порано) не мораат да се занимаваат со обезбедување леб преку земјоделие или друга тешка физичка активнос.т
5. Зад нас имаме најмалку 2000 години филозофска мисла на којашто можеме да се надоврземе.
6. Истото важи и за другите области поврзани со филозофијата (природни науки, лингвистика и др.)
7. Технологијата ни овозможува да имаме поширок и полесен пристап до информации и ресурси за истражување.
Дали времето на Платон сепак нудело некои услови кои биле подобри од овие денешните, кога станува збор за филозофија? Не баш, ама ако го тенчиме, еве неколку можни предности:
1. Луѓето кога ќе се фателе со некоја работа ја терале, и немале голема можност за скокање од професија во професија. Тоа од една страна можеби ги ограничувало, но од друга им овозможувало да одат во длабочина, и да се концентрираат на она што го прават.
2. Иако технологијата денес овозможува поврзувања и соработки, во минатото ова „кластерирање", главно по класна линија, помагало во развивање на екстремно високи нивоа на интелектуални достигнувања.
3. Според оние кои сметаат дека Западот и неговите вредности постојано опаѓаат, таквата ситуација влијае и на нашата способност за размислување, па оттаму и на квалитетот на денешната филозофија, која е многу повеќе дрн дрн од онаа во времето на Платон и неговите колеги.
Со оглед на ова, излегува дека величината на древните филозофи, во нашите очи, произлегува од многу потешките околности во кои успеале да ја развијат нивната филозофска вештина. Освен тоа, многу е полесно кога си прв, или меѓу првите кои прави пробив во науката, која и да е таа, па да останеш запамтен како величина која го трасирала патот. Позната е изјавата на Вајтхед, дека целата западна филозофија всушност се состои од „фусноти кон Платон". Оттаму и неговиот митски статус, и воопшто митскиот статус на оние кои во нешто биле први.
Ова секако не значи дека Платоновите дела не заслужуваат внимание или дека тие немаат заслужено место во западната филозофска традиција. Целта е повеќе да се заземе малку понепристрасен став кон древните дела, на кои често им пристапуваме со слепа почит. Кој знае дали самиот Платон, кога би можел да бира, би сакал да се роди прв или да живее во денешно време, кога шансите тој да биде прогласен за „најголем" се помали, но шансите за соработка и пошироко сфаќање на светот околу нас се поголеми.