Луѓе кои се активни на повеќе полиња (ги викаат спанери) преминувајќи ги вештачки поставените граници помеѓу нив, предизвикуваат когнитивна збрка кај другите, и со тоа си прават лоша услуга. Така, актери кои глумат во различни типови филмови поретко добиваат нови улоги, а компании кои работат во повеќе од еден паазарен сегмент имаат помали шанси да добијат тендер. Филмови од хибридни жанрови, како хорор-комедии, обично имаат полоши критики.
Но постојат и аргументи против фокусирањето, а во корист на избирањето поинаков тек на кариерата. Некои од највлијателните иноватори во историјата, како Ајнштајн или Стив Џобс, имале страст за повеќе нешта истовремено. Најпознат во оваа смисла е Леонардо да Винчи: ренесансниот човек кој бил истовремено изумител, инженер, скулптор, архитект, и секако сликар.
Ако имате намера да бидете иноватор или барем да бидете покреативен, треба нешто да научите од Леонардо, вели Волтер Ајзаксон, американски писател и професор по историја, кој има напишано биографии на неколку големи умови како Бенџамин Франклин, Хенри Кисинџер, a и на Леонардо. Изворот на креативноста на Да Винчи била неговата имагинација, како и бескрајната љубопитност. Но, според Ајзаксон, неговата способност за замаглување на границата помеѓу реалноста и фантазијата, токму како неговата сликарска „сфумато“ техника, била клучна.
Леонардо знаел како да ги спои опсервацијата и фантазијата, на начин кој од него направил еден од најголемите пронаоѓачи во историјата. Проблемот со тоа да се испробаш во повеќе области за кои можеби си талентиран, во најприземна смисла, е во тоа што не секој има време да се занимава со страсти кои не носат пари. Луѓе за кои слободното време е луксуз тешко се одлучуваат да го проучуваат, на пример, јазикот на клукајдрвецот, што е една од работите што ги правел Леонардо.
Во интервју за Кварц Ајзаксон, кој пишувајќи ја биографијата на Да Винчи исчитал 7.200 страници белешки на славниот сликар, вели дека суштинското за активирање на полиматот во нас е паузирањето од активност и едноставното набљудување на она што е околу нас. Токму тоа го правел Леонардо, кој наместо да постира на Фејсбук, со часови ги набљудувал птичјите крилја љубопитен дали тие побргу се движат кога одат нагоре или кога се движат надолу.
Проблемот со нашето време, односно со целата пост-ренесанса, е што имаме поделба на две култури - наука и уметност, кои ретко се допираат и соработуваат. Малкумина успеваат да го поминат тој мост, како Џобс кој го спои инженерството со убавиот дизајн. Оние способни за ваквото „шалтање“ се во предност доколку е потребно менување професија, затоа што се пофлексибилни и поприлагодливи на променетите околности. Оттаму, Ајзаксон сугерира при изборот на студии да се комбинира, и ако е можно (а кај нас тоа административно, и покрај кредит-трансфер системот, е рамно на подвиг) паралелно да се студира музика и математика, или класични јазици и физика.
Критиките упатени кон Леонардо се дека доколку не си го губел времето на сè и сешто, ќе завршел повеќе дела. Ама да било така, не би го памтеле како Леонардо да Винчи, сестраниот гениј, туку само како сликар. Тешко се фокусирал на една работа, но тоа во неговиот случај било за добро.
„Леонардо е светец на децата кои не можат да се концентрираат. Понекогаш се секираме дека тие ни се премногу дефокусирани или дека сонуваат на јаве. Но токму тоа го правел да Винчи“, додава Ајзаксон.