Во досегашното искуство на Кори Стампер најтешко било да се дефинира зборот "Господ," а редовно проблематични за дефиниција се мали зборови како "but" "as" "be" "go". Клучното за еден збор да влезе во речник е тој да опишува нешто што досега не е опишано со дефиницијата на друг збор.
"Дефинирањето зборови е излудувачко и феноменално. Кога се вработува нов уредник на Мериам Вебстер тој прво оди на часови по 'Стил и дефинирање,' каде се учи како да ја распарчиш англиската граматика (бидејќи ти си човекот кој треба да анализира во кој дел од говорот ќе се користи зборот) и како да направиш негова нацрт дефиниција за во речникот. Кога ќе дојде време да работиш на речникот, добиваш дел од азбуката и сите пишани докази што ги имаме собрано за тој збор. Ги читаш доказите и одлучуваш дали тој веќе е покриен со постојните дефиниции. Ако не е, тогаш правиш дефиниција за него.
Најчесто дефинициите е лесно да се извлечат од контекстот, меѓутоа некогаш не е така. Најтешки зборови за дефинирање се најмалите: 'but,' 'as,' 'be,' 'go,' 'run.' Трошиш цели месеци на некој од овие зборови, и толку се задлабочуваш во нив што почнуваш да изгледаш изгубено: се среќаваш со вистински луѓе и, иако можеш да разговараш со нив, очите ти се празни и мртви, само зјапаш во една точка која некогаш била човештвото.
Значи, да, одлично е," одговара Стампер.
Што се однесува на тоа дека местото во речникот е веројатно најголемиот чекор во животот на еден збор, за Стампер тоа е последен чекор, кој е чисто технички.
"Мака ми е кога луѓето зборуваат дека еден збор станал 'официјален' откако бил додаден во речник. Речникот е запис на јазикот кој го користиме, па додека да дојде време зборот да биде додаден во речник, тој веќе е 'официјален' со тоа што има широка употреба во секојдневниот јазик. Речниците не е се толку иновативни," објаснува Стампер.
Последната комплетна верзија на македонскиот речник е од 1961-ва ("Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања"), кој веќе над 50 години се печати без никакви измени и дополнувања во бројот на зборови.