Израел планира да го збрише јужен Либан како Газа

Додека светското внимание е фокусирано на војната на САД против Иран и блокадата на нафтата, израелските сили безмилосно го бомбардираат Либан, убија речиси 800 луѓе и раселија 800.000. Сега планираат копнена инвазија за уништување на Хезболах. „Ќе го направиме во Либан она што го направивме во Газа“, изјавил за Аксиос висок израелски функционер.

Откако на 2 март Хезболах истрела ракети кон Израел, како одговор на американско-израелските напади врз Иран и убиството на ајатолахот Али Хамнеи, израелските сили возвратија со жестоко бомбардирање на Бејрут и на позициите на проиранската милиција во Либан.

За 11 дена во израелските напади бea убиени 773 луѓе и 1.933 биле ранети, вклучувајќи и 103 деца, објави либанското Министерство за здравство.

Повеќе од 800.000 луѓе – речиси секој седми жител на Либан, биле принудени да ги напуштат домовите.

Без оглед колку прифатилишта се отвораме во Бејрут, не можеме да ги примиме сите раселени лица, изјави министерот за здравство Ахмад ал Хаџар.

Израелски авиони вчера врз Бејрут исфрлиле летоци со заканувачка порака до жителите: „Во светлина на огромниот успех во Газа, весникот на новата реалност доаѓа и во Либан“. Во друг леток имало два QR кодови, со чие скенирање може да се воспостави контакт со израелските тајни служби.

Во јужните делови на Либан, уште од почетокот на обновената војна Израел со летоци ги предупредува цивилите да ги напуштат местата кои ќе бидат воена зона. Норвешкиот совет за бегалци објави дека повиците за евакуација опфаќаат територија од 1.470 квадратни километри, односно 14% од целата територија на Либан, вклучувајќи и јужни предградија на Бејрут.

Израелски и американски извори изјавиле за Аксиос дека Израелските одбранбени сили планираат голема копнена инвазија, најголема по 2006 година, за да ја заземат целата територија на Либан јужно од реката Литани. Вчера со проектил бил уништен главниот мост преку Литани, со што се отсечени Хезболах, но и цивилите од јужен Либан.

Целта е да се преземе територија, да се потиснат силите на Хезболах на север, подалеку од границата и да се демонтираат неговите воени позиции и складишта за оружје во селата, велат изворите.

Инвазијата, според нив, би можела да води кон долга окупација на јужен Либан. На границата се распоредени три оклопни и пешадиски дивизии, кои вчера добија засилувања. Израелските сили мобилизираа и припадници на резервниот состав.

14 март 2026 - 09:00