Уметничкиот критичар на Њујорк Тајмс, Џејсон Фараго, неодамна го посетува Лувр (кого го опишува како „заложник на Ким Кардашијан на портретите од 16-от век), каде има ужасно севкупно искуство, за кое и пишува во весникот:
„Прво мора се местиш во колона пред подвижна бариера која те држи на околу 3,5 метри од Леонардо - што за слика која е само 75 сантиметри висока е многу далеку за да ја видиш и премногу далеку за добро селфи.
Наводно сликата е под некое ново нерефлектирачко стакло, ама од оваа далечина кој би можел да каже. Другите посетители и јас едвај можевме да ја видиме, и за помалку од минута нè избркаа од таму. Сето ова за слика која не е ни приближно најинтересната од Леонардо, и која ги засени останатите венециски ремек-дела во Salle des États како ’Жена со огледало’ на Тицијан или ’Свадбата во Кана’ на Веронезе, која Бијонсе беше доволно паметна за да не ја игнорира.
Музејот го признава ова на патетичните нови знаци во Salle des États на кои пишува: ’Мона Лиза е опкружена со други ремек-дела - разгледајте наоколу’.“
Да не биде дека критичарот го пуштил своето снобовство на најјако, во анкета на британски туристи од почетокот на годинава Мона Лиза е прогласена за „најразочарувачка атракција на светот“, пред Чекпоинт Чарли во Берлин, Шпанските скали во Рим и Манекен Пис (детето што уринира) во Брисел.
Мерките што директорот на Лувр ги најави за подобрување на искуството (повеќе влезови, влезници во точен период и слично), според Џејсон претставуваат неразбирање на проблемот, бидејќи Лувр нема проблем со претерана посетеност, туку има проблем со Мона Лиза, затоа што ниту едно друго ремек-дело низ светските музеи, „не е ни приближно блиску до присвојување на институциите како што тоа го прави Мона Лиза“.
„Време е Лувр да признае пораз. Време е Мона Лиза да си заминe.
Неа и треба сопствен простор. Направете павилјон само за нејзе, можеби во дворецот Тилери кој е оптимизиран за гужви. Поврзете го со главниот музеј преку подземниот трговски центар познат како Carrousel du Louvre, и продавајте една карта за двете локации. Поставете премиум позиции за правење селфија, и дозволете посетителите повеќе да дознаат за мистериозната Мона Лиза преку дополнителни изложби.
Ќе треба да е голем, ама не можам да замислам полесен проект за собирање пари. Мона Лиза павилјонот инстантно ќе стане најпопуларната атракција на најпопуларната туристичка дестинација во светот. Сигурно со тоа што неодамна потрошија над милијарда долари за да го отворат Лувр Абу Даби, владетелите на Емиратите со задоволство би го финансирале новиот објект, посебно ако тоа доаѓа заедно со право за негово именување. Шеик Зајед Мона Лиза павилјон и не звучи лошо...
... Ниту едно уметничко дело не треба да ги прави луѓето мизерни. Дозволете милионите идни посетители на Париз да уживаат во уметноста, шопингот, слатките и селфијата во Шеик Зајед - Луј Витон - Самсунг Галакси - Ладуре Макарунс Мона Лиза павилјонот. Па потоа дозволете им одново да го откријат Лувр музејот,“ порачува Џејсон.