Нема човек навистина приврзан до својот домашен миленик што не посакал природата да ги дарувала кучињата и мачките со долговечност, за да трае пријателството што е можно подолго.
Откако во 1997 година беше создадена овцата Доли – првиот успешно клониран цицач, технологијата продолжи да се развива и сега прераснува во голем бизнис. Американскиот рагбист Том Брејди пред неколку недели призна дека клонирањето му дало „нова шанса“ да се дружи со неговата миленичка, кучката Луа, која починала пред две години. Сега покрај себе го има нејзиниот клон Џуни. Актерката Барбара Стрејсенд уште пред неколку години објави дека не еднаш, туку два пати ја клонирала својата кучка Саманта.
Секој што има миленик ќе го разбере ова, изјави своевремено актерката.

Научници велат дека овој тренд може да ја намали депресијата кај луѓето што загубиле миленик, но предупредуваат дека процесот на клонирање носи големи здравствени ризици за клоновите и за сурогат-мајките, а сосема мала е веројатноста дека копијата ќе биде слична на оригиналот – ни по изглед ни по табиет.
Основниот принцип на клонирањето е да се направи точна генетска реплика на организмот. Исто како што идентичните близнаци имаат ист генетски профил, животинските клонови се генетски идентични со примерокот од кој е добиен генетскиот материјал. Процесот се нарекува трансфер на јадро на соматски клетки (SCNT). Генетски материјал од јадро на клетка се пренесува во јајце-клетка од која е отстрането јадрото и во многу специфични и контролирани услови се развива во нов организам.
Биолози експериментирале со клонирање животни повеќе од еден век, со изолирани успешни случаи. Во 1960-тите успешно бил клониран првиот ‘рбетник - африканска жаба, а потоа се експериментирало со цицачи – од лабораториски глувци, преку овци, кучиња и мачки, па сè до коњи и говеда. Дури и денес, со многу поразвиена технологија, клонирањето животни има стапка на успех од само околу 16%.

Притоа клонот е само генетски идентичен на оригиналот. Од изразот на гените ќе зависи дали ќе се разликуваат бојата на крзното и другите физички особини. Карактерот зависи од многу повеќе фактори – средината во која се родиле, мајчинската грижа и првите контакти со другите примероци од леглото.
Предноста на клонирањето животни е тоа што човекот не мора да побара дозвола од нив. А, ако тие знаат што ги чека, сигурно не би се согласиле. Земањето примероци од клетките е тежок и болен процес со хормонска терапија и хируршки зафат. Бременоста и породувањето се ризични поради високата стапка на отфрлање на плодот. По доаѓањето на свет ризиците се уште поголеми. Студија за клонирани прасиња покажува дека 48% угинале во првиот месец од животот. Клонирани говеда имале мускулно скелетни аномалии и се движеле со тетеравење и болка.
Проблем е и цената. Во САД клонирање милениче чини повеќе од 50.000 долари. Скапо е и чувањето на замрзнатиот генетски материјал. Клонирањето миленици е легално само во САД и во Јужна Кореја.