Ако е песната добра, и ла-ла-ла врши работа

Дали сте автор или само потпевнувате некоја песна, ла-ла-ла е универзална замена во моментите кога текстот ќе се умори. Колку и да е тоа будалесто решение, има песни кои се памтат токму поради тоа ла-ла-ла.

Van Morrison – Brown Eyed Girl

Иако има издадено катаљарда албуми, Ван Морисон е најпознат токму по оваа песна. Brown Eyed Girl е неговиот музички потпис. А песната ја мрази, и мрази кога му ја бара публика на концерти. "Имам најмалку 300 песни подобри од неа", тврди ван Морисон. Уште една причина да ја мрази: песната е издадена во рамките на договор кој го има потпишано наивно, ко копиљ, и нема добиено ни еден денар тантиеми од неа.

Ако сте го заборавиле текстот:

Sha-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-te-da

Sha-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-te-da

La-te-da


The Faces –Ooh La La

Малку превара има тука. Иако е во насловот, фамозното "ла" можете да го слушнете само 5 пати во цела песна. Напишана е кога Фејсис почнуваат да се распаѓаат и тоа за Род Стјуарт но тапираниот одбил да ја пее. Во првата верзија песната е испеана од Рон Вуд. Овде ја пее нејзиниот автор Рони Лејн:

Текстот:

Ooh-la-la

Ooh-la-la-la, yeah


Wolfgang Reichman –Himmelblau

Рајхман беше Германец кој се облекуваше како чиновник, носеше син кармин и беше тотално непотребно убоден до смрт од двајца пијаници на улиците на Дизелдорф, неколку недели пред да го издаде својот прв албум. Симпатична електроника, звучи како кога на Крафтверк би им било битно да ви се бендисаат. Ќе се изнаслушате додека го дочекате ла-ла-ла-то, ама, вреди.

Текстот:

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la.


Iggy Pop – The Passenger

Не може ваква листа да пројде без The Passenger, една од двете добри песни кои ги има направено во цела соло кариера (другата е Lust for Life; Candy, Candy e за шмизли). Во пратечките вокали го има Дејвид Боуви.

Текстот:

Singin' la-la-la-la-la-la-la-la

La-la-la- la-la-la-la-la

La-la, la, la, la, la, la, la, la, la


The Jam – Saturday's Kids

На врвот на своите успеси во 80-тите, Пол Велер растураше со ла-ла-ла. Го има тоа во That's Entertainment, Going Underground, Man in the Cornershop....сè класа песни. Во Saturday's Kids е одличен; склопува стихови за емоции, за важни работи ама бргу дига раце. Супер песна.

Текстот кој треба да го запамтите:

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la


Elvis Presley – I'm Leavin'

Песната никогаш не успеа колку што Елвис ја има сакано. Се појави еднаш во Топ 40 и бргу се изгуби, но остана една од неговите најомилени песни кои ги пееше на концерти до крајот на животот. Самотија, депресија, ла- ла- ла.

Рефренот:

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la

La-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la-la

I'm, I'm leavin'

3 јануари 2015 - 10:00