Момо Капор: Што останува после раскинувањето?

Српскиот писател и сликар имаше и подеми и падови во својата долга и сочна кариера. Првите кога се занимаваше со уметност, вторите кога се фаќаше со политика. Деновиве навршија седум години од неговата смрт; сакаме да потсетиме на убавото што остана од него. Извадок од романот „Уна“ по кој еден наш драг лик од скопскиот асфалт ја крсти својата ќеркичка.

"Тоа ли е сè што останува од љубовта? И што воопшто останува после неа?

Телефонскиот број кој полeка бледее во сеќавањето.

Чаши со гравирани монограми украдени од некој ресторан.

После љубовта останува навиката белото вино да се сипа во две чаши а линиите да бидат на иста висина.

После љубовта останува една празна маса во кафана и зачудениот поглед на келнерот што нè гледа со други.

После љубовта останува реченицата „Убаво изгледаш, воопшто не си се променила“

и

„Јави се понекогаш, ми го имаш бројот“

И некои бројки од студентски соби во кои сме спиеле остануваат после љубовта.

После љубовта остануваат темните улици по кои се враќавме после љубовта.

Остануваат мелодиите од радио кои полека излегуваат од мода.

Остануваат знаците од љубовните шифри: „Ако ме сакаш започни го утрешното предавање со три збора кои ќе ги имаат почетните букви од моето име“. Влезе во амфитеатарот и рече: „У Нашата Авангарда...“.

После љубовта останува твојата страна од постелата и стравот дека некој ненадејно ќе наиде. Клак - спуштена слушалка кога ќе се јави туѓ глас. Илјада и една лага.

После љубовта останува реченицата која како дух талка по собата: „Јас сум прва за купатило!“ - и прашањето: „А нема заедно?“

Овојпат не.

После љубовта остануваат соучесници: чувари на тајните кои веќе не се никакви тајни.

Преполни пепељари и празно срце. Навиката да се палат две цигари иако нема никого во близина. Фотографии снимени по автомати, таксисти кои никогаш не нè сакаа.

После љубовта останува повредена суета.

Метален вкус на промашеност во устата.

После љубовта остануваат други луѓе и други жени.

После љубовта не останува ништо.

Срање.

Момо Капор, Уна

7 март 2017 - 12:02