Кога го отвораат Телефонплан училиштето во Стокхолм во 2012, една од водечките идеи им е како "педагогијата и организацијата на училиштето можат да бидат поддржани преку дизајнот на неговата околина."
За ова Витра ја ангажира данската дизајнерка Розан Бош, која на проектот му пристапува од перспектива на промената на тоа како нејзините деца го гледаат училиштето, кои од почетната возбуда околу училиштето, полека истото почнуваат да го поврзуваат со учење, а учењето природно со досада. Наспроти ова, слободното време се изедначува со забава.
Резултатот е "училиште без ѕидови," во кое наместо во класични училници, се учи на отворено во групи на места адаптирани за потребите и нивото на учениците.
Создадени се пет околини:
- "планински врв" кој се користи за еднонасочна комуникација, како говори и предавања
- "пештера" која е наменета на концентрација и индивидуално учење
- "логорскиот оган" е за дијалог, најчесто во мали групи, кој може да резултира во галама, каде учесниците можат слободно да зборат без да внимаваат да не прекинат некого
- "поило" место за средби на кое има големо раздвижување
- "работилница" во која децата практично го испробуваат тоа што го учат, без разлика дали тоа е дисекција на риба или свирење инструмент.
Иако е проблем што ја нема класичната структура на училиште, и не можеш да кажеш во 12 имаш час по математика, затоа што часот може да биде на кое било место, Бош објаснува дека токму ваквата флексибилност е нешто што е неопходно за учениците.
"Мора да имаш одреден момент на создавање внимание. Најлошото нешто што можеш да го направиш е да ги ставиш луѓето во училница со која веќе се запознаени, бидејќи веќе знаат што да очекуваат - па воопшто не ни размислуваат околу тоа. Ако имаш флексибилна околина, тогаш можеш да внесеш поголема будност бидејќи си ја укинал навиката, па луѓето се во сосема поинаква состојба.
Па можеш на група деца да им кажеш, 'ајде да одиме на планинскиот врв,' и затоа што е поинаква ситуација, создаваш краток момент на внимание по што претставуваш нешто сосема ново пред нивните мозоци кои ќе бидат многу поотворени за примање на новото знаење," објаснува Бош.
Дизајнерката нагласува дека последниве 100 години ништо се нема сменето во структурата на училиштето, и "токму ова е проблемот со начинот на кој го водиме образованието бидејќи нашите деца ги претвораме во пасивни роботи."