Целиот план се создава во 50-те, кога во комбинација на 30 години од нафтени приходи и диктатор, генералот Маркос Хименез решава да го модернизира Каракас. Тогаш Венецуела станува рај за странски архитекти.
Во 1955-та, компанијата на Ромеро Гутиерез, Arquitectura y Urbanismo, добива барање од сопственикот на Ла Рок Тарпеја, ридот од околу 30.000 метри квадратни, за изградба на станбен комплекс. Наместо тоа, Гутиерез и партнерите му предлагаат план во кој оригиналната идеја ја претвораат во многу попрофитабилен трговски и бизнис центар. Тука клучно обележје е спиралната улица која ќе го опкружува целиот објект.
Трговскиот El Helicoide: Centro Comercial y Exposición de Industrias е замислен со огромни изложбени сали (за тогаш растечките индустрии со нафта, гас, железо, алуминиум, и земјоделие), салони за автомобили, вежбална и базен, ресторани, дискотека, градинки, џиновско кино, хотел, хелидром...
Буџетот за објектот од 40.000 метри квадратни, бил 10 милиони долари (во тогашни пари). До времето кога се откажуваат од него, трошоците стигаат до 24 милиони долари. Целиот проект добива спектакуларно внимание и од јавноста и од архитектите, добива еснафски пофалби и го сметаат за еден од клучните проекти на Латинска Америка.
Подготовките минуваат без (вонредни) проблеми, и до 1958-ма тие само го имаат оформено ридот според контурите на идниот трговски (нема да се гради од нула, туку ќе кружи околу ридот). Во јануари 1958-ма Маркос е соборен од власт. Изградбата продолжува во октомври, кога привремената влада дозволува повторно да почнат работите ама само под услов изведувачот да ангажира голем број од невработените во градот. Тоа го прават и на Ел Еликоиде 1.500 луѓе следните година и пол работат 24 часа во 3 смени.
По ова, на проектот му се случува демократија. Иако уште нема консензус кој е повеќе виновен за банкротот (дали тоа што новата влада ги стопира кредитите, или тоа што еден до главните акционери бега од земјата), крајниот резултат е дека во следните 20-на години проектот е на пауза.
Во овој период секоја администрација предлага различни комерцијални, културни или мешовити планови, се на се 27 различни (детални) предлози.
Од 1979-та до 1982-ра на Ел Еликоиде му се случува инвазија од бездомници, и во пикот во недовршениот објект живеат околу 12 илјади луѓе (без струја, вода, канализација).
По скитниците, тука почнува населувањето на Музејот за антропологија. Иако најамбициозен од сите триесетина планови, и овој проект пропаѓа. Во 1984-та, зградата полека почнува да ја окупира тајната полиција, која освен за канцеларии, објектот го користи и како центар за притвор. Затворот е тука до 2013-та.
"На крајот Ел Еликоиде е комплетно спротивно на она што таа требаше да биде. Наместо динамичен центар за размена што требаше да ја ревитализира областа и околината, зградата стана меланхолично интровертна, како опсесивна мисла предодредена пак и пак да го повторува својот неуспех. Наместо отворена, таа стана злокобна, заканувачка тврдина на 'редот и законот' во земја која ендемично ги игнорира и двете. Зградата која можеше да биде симбол на модерниот прогрес, стана амблем на сите негови неуспеси - цената што ќе ја платиш за тоа што сакаш се да промениш по која било цена, за унилатерално наметнување на визијата, за сонување во име на другите кои можеби воопшто не сакале да сонуваат. Како таков, многумина мислат дека во својата руинирана состојба, Ел Еликоиде го дава најсоодветниот портрет за дистописки Каракас.
Во последните 30 години, Ел Еликоиде беше како црно сонце, зрачејќи прикриена контрола од државата, притвор и надзор. За некои оваа судбина може да е подобра отколку да лежи така напуштена, но сепак е далеку, многу далеку, од грандиозните аспирации кои ја поттикнаа оригиналната изградба. А уште подалеку од светата геометрија на пирамидите и храмовите, спиралниот танц на потеклото на животот и на овие уникатни структури. Како и нив, Ел Еликоиде, буквално резбарен во камен, ќе надживее векови човечка историја, дури и нуклеарни експлозии. Ќе остане икона за иднина која никогаш не успеа во сегашноста," пишува директорката на Proyecto Helicoide, Селест Олакуиага.