Продуцентот на реални шоуа Шон Даш, кој има работено на серии како Златото на Беринговото море и Најсмртоносниот улов, објаснува дека "постои клише дека вистината е полоша од измисленото, и на реалните шоуа постојано гледам како тоа се случува. Мислам дека најчесто проблемот е што гледачот не може да верува што гледа бидејќи тоа може да биде толку апсурдно или смешно, меѓутоа буквално тоа е она што се случило."
Иако не се работи за изготвено сценарио, Даш признава дека постои рецепт како сета таа снимена реалност да биде неодолива за гледање.
Прво и најважно е изборот на учесници во шоуто. Профилот треба да биде човек кој има интересна приказна за раскажување и кој не се плаши од камера, да има карактер, да е динамичен и да нема проблем со отворање пред јавноста. Меѓу целата екипа бараш и човек кој ќе биде ѕвезда и која ќе го носи целото шоу.
"Има луѓе кои се неверојатно живи и динамични кога ќе седнеш со нив на маса, а пред камера комплетно издишуваат. А има и спротивни случаи," објаснува Даш.
Второ правило е дека продуцентите мора да бидат подготвени да се откажат од некој член од екипата, ако гледаат дека човекот не е за пред камера.
Под број три е да знаеш како да ги разместуваш ликовите во серијата како шаховски фигури. Овој ефект најдобро се забележува во "Реалните домаќинки" каде правилен распоред на масата за седење, е доволен за драма во неколку наредни епизоди.
Четвртата точка е причината зошто овие програми на многумина им изгледаат како да се по сценарио, а тоа е праксата сцените да не се емитуваат хронолошки, туку по распоред на продукцијата на реалното шоу, чисто за да се постигне поголема драма во одредена епизода. Во оваа група влегува и праксата да се преснима некој настана што не се случил пред камера.
Петто правило е дека продуцентите малку што можат да направат за да влијаат на исходот (победникот) на реалното шоу. Без разлика што публиката смета дека продуцентите ги штелуваат резултатите за да го задржат најдраматичниот лик, Даш објаснува дека секое шоу има ограничувања за чие спроведување се грижат многу адвокати, кои заради добро на телевизиската мрежа не те оставаат да прекршиш ниту едно правило.