Ѓаволот е попаметен од нас смртниците и човек не треба да влегува во расправа со него, предупреди папата.
Франциско тврди дека Сатаната не е никаква метафора или некаков небулозен концепт туку реална личност вооружена со силите на темнината.
„Тој не е магла, не е некаква нејасна сила, тој е личност и убеден сум дека никој, никогаш и за ниедна тема не треба да влегува во расправа со него“, порача папата во едно телевизиско интервју.
За него Ѓаволот е тема за која постојано зборува, и на своите проповеди и јавни обраќања како и на Твитер каде што има 40 милиони следбеници. И има за него дузина имиња: ѓавол, сатана, белзебуб, големиот змеј, принцот на темнината...
Познавачи на Ватиканските прилики и на неговиот животопис велат дека оваа фокусираност на Ѓаволот произлегува од језуитските корени на неговиот духовен профил кој е под силно влијание на основачот на Језуитскиот ред, Свети Игнациј од Лојола кој има развиено цел механизам ритуали и техники како човек да ги разликува добрите од злите сили во и околу себе.
Папата вели дека Ѓаволот често пробува да регрутира и свештеници и бискупи но дека никој, па ни тие не се дораснати да го добијат во ферка. Бидејќи не е ферка.
„Обично се претставува со нежен и питом глас,се преправа дека е учтив и пристоен. Така ви влегува во главата. Но тоа секогаш завршува лошо ако човек навреме не сфати што се случува. Ќе ве преврти ничкум, ќе ви ја заврти главата. Треба одлучно да му кажеме да си оди, да го испудиме“, порача човекот кој во многу наврати рекол дека обучените егзорцисти се едни од најважните сили за одржување на божјиот поредок и баланс во вечната борба со злото.
Франциско пред некое време побара и да се ревидира еден стих од клучната господова молитва (“Не доведувај нè во искушение“). Смета дека се работи за погрешен превод од грчки и дека добриот Бог никогаш не нè доведува до искушенија туку дека тоа секогаш го прави исклучиво Ѓаволот.