Големиот муфтија процени дека шахот му доаѓа нешто слично на коцкањето кое е забрането во исламот. Дополнително, според него, тоа било губење време а и предизвикувало омраза меѓу играчите.
Фатвата ја фрлил во емисија во која тоа го прави на редовна база, одговарајќи им на прашања на гледачите кои имаат дилеми околу тоа што може а што не според исламот.
Во врска со шахот се повикал на делот од Куранот кој забранува "труење на душата, коцкање, идолатрија и обожување." Претходно и водечкиот шиитски верски авторитет (јер Абдулазиз е сунит), ајатолахот Али ал -Систани воведе правило против шахот. А токму муслиманите го имаат пренесено шахот во Европа, од Персија, откако ја имаат освоено во 6-от век.
По Исламската револуција во 1979 година, во Иран шахот беше прогласен за арам и беше забрането негово јавно играње, но во 1988. врховниот водач Ајатолахот Хомеини ја дигна забраната и го дозволи шахот сè додека тој не служи за комар.
На фактот дека дури и на Хомеини му текна дека е тоа претерување потсети и британскиот велемајстор Најџел Шорт кој изрази шокираност од фатвата.
Не дека на верските авторитети од тој дел на светот ова им е прва глупоќа од ваков вид. На почетокот на овој век фрлија фатва врз игрицата Покемон а нешто подоцна за анти-исламски ги прогласија и вувузелите, ако дигаат над 100 децибели.
Некои се надеваат дека со оглед на тоа што фатвата врз шахот е дадена како одговор на конкретно прашање, таа нема да биде спроведена ригидно и дека играњето шах ќе се третира како помал прекршок од рангот на музиката која клериците исто така одамна не можат да ја поднесат ама луѓето - си свиркаат.