Легендата за Ајзенхауер вели дека работел по 15 до 18 часа на ден, со тоа што сред работа знаел да кидне на непозната локација, таму да се изолира од работа и околина поврзана со истата, и да се посвети на играње бриџ и голф. Без разлика колку мислите дека вие сте под притисок од работа, треба да имате предвид дека Ајзенхауер ова го прави сред Втората светска војна кога е командант на сојузничките сили.
Дилемата што ја има Тим Харфорд во Фајненшл тајмс е дали да се оди на долги одмори, или доволно е да се одмара само за викенди и навечер после работа. Одговорот што сам си го дава е - сите три, со тоа што оптималната верзија би била почести но кратки одмори (од по неколку дена) наместо залегнување на подолг период.
Прва причина е што сеќавањата не зависат од тоа колку бил долг одморот, туку од интензивноста на искуствата што си ги имал таму. Односно, не е важно колку време си бил на одмор, туку колку возбудливи и различни моменти имало.
Втора причина: промената на секојдневната активност знае да поттикне креативност. Амандман на овој став е дека тоа не мора да биде одмор, туку доволно е да биде и некое хоби. Пример, научниците со Нобелова награда е многу поверојатно сериозно да се заразени со некое хоби отколку оние научници што немаат.
Трета причина: ако ти треба одмор за да не „прокуваш“ на работа, долг одмор нема да ти биде доволен. Истражување на Универзитетот од Гронинген покажува дека ефектот на годишниот одмор се троши за неколку недели.
Харфорд дава и насоки што да правите за време на одмор: опуштање, да го трошиш времето ти како што сакаш а не да бркаш што попрво да видиш и да прошеташ, минување време во некоја работа што те исполнува (скијање, кајак, даска, планинарење...), и дисконектирање од одговорностите што те чекаат на работа.