Гугл курс од 49 долари ќе биде замена за факултетска диплома

"При вработувањата кај нас, ќе ги признаваме овие сертификати како еквивалент на 4 годишно студирање," порачаа од Гугл а други компании сигурно ќе следат. Би прашале ние „Спиеш ли мирно, УКИМ,“ ама знаеме дека спие. Мирно.

Компанијата која успешно го организираше "светот на информациите“ се зафаќа со прашање кое постои веќе извесно време но никој не знаеше што да прави со него: техничкото образование. Не е тајна дека факултетите и универзитетите очајно се борат да останат релевантни во технолошките сфери. Баби и дедовци денес тешко разбираат дека еден паметно изработен профил на ЛинкдИн може да биде помоќна алатка од факултетска диплома и како може да се добие работа без неа.

Сепак, истражување од 2016 година покажа дека 56% од програмерите немаат диплома од компјутерски науки или сродни области и дека нивното портфолио на проекти и продукти на кои имаат работено е повредно отколку тие години да ги минале на студирање.

Две години подоцна почнува лавината: десетици глобално звучни фирми, меѓу кои Старбакс, Гугл, Епл, Интел, Хилтон, Костко, Банката на Америка и други, почнуваат да објавуваат огласи за добри позиции за кои веќе не се бара факултетска диплома. 

Годинава и Елон Маск ќе порача дека не ти треба факултетска диплома за да работиш во Тесла и ќе додаде дека „студирањето на факултет и онака повеќе е за забава отколку за учење.“

Гугл го препознава предизвикот и е на праг да лансира 6 месечен курс од 300 и нешто долари кој ќе завршува со „сертификат за кариера“ за кој не е потребно претходно ниво на образование. Гугл веќе има лансирано два курса за почетнички позиции: Google IT Support и Google IT Automation со Пајтон. Околу 85% од преку 600.000 курсисти му имаат дадено пет ѕвездички. Врз основа на овој успех, Гугл планира да лансира уште три курса, за анализа на податоци, за продукт менаџери и за UX дизајнери.

Гугл ќе ги признава своите сертифкати во своите вработувања. Се ветува дека овие курсеви ефикасно заменуваат 4 годишно студирање а се работи за програми кои траат меѓу 3 и 6 месеци и за кои се потребни само 5 часа неделно за да се завршат. Како за крај, достапни се: курсот за IT Support чини само 49 долари месечно а компанијата објави дека сама ќе субвенционира околу 100.000 курсисти.

Спиј мирно, УКИМ, спиј мирно.

25 септември 2020 - 09:38