Интернет жаргонот, оној јазик кој ќе опстане и кога при крајот на веков 90% од останатите „природни" јазици ќе изумрат, полека ги потиснува посуптилните и граматички посложените зборови и изрази. Она што ни останува за да го доловиме тонот во коментар или на чет се емотикони, акроними, хаштази и - старите добри интерпункциски знаци.
Еден од нај(зло)употребуваните во глобални рамки е извичникот, чија фрекфенција расте не само на социјалните мрежи, туку и во пишуваните медиуми и во книжевноста. Според статистичка анализа на повеќе од 1 милион книги објавени од 1970-2008., извичникот кој во„Старецот и морето" на Хемингвеј се појавил само еднаш, шеесет години подоцна во „A Visit from the Goon Squad" на Џенифер Еган (патем, исто така добитник на Пулицер) го кренал гласот 108 пати!
Објаснување? Виновен е оној кој прв наместо еден ставил два извичника. Така почнал натпреварот кој ќе стави повеќе, кој губи смисла веќе кај третиот. Што ми се дереш бре! - е реакцијата на надразнетиот читател, слично како кога некој му пишува легнат на CapsLock. Во еден критичен момент квантитетот не само што не преоѓа во квалитет, туку и се свртува против него.
Каква е ситуацијата во македонскиот? Од литературата, чисто заради проба од она што ни стоеше на располагање во електронска форма, земавме два хронолошки далечни примера, и тие го потврдуваат горекажаното: во „За македонцките работи" на Мисирков, на пример, извичници има 26, а во „Бед инлиш" на Дарко Митревски 123. Ама и ситуацијата на македонските портали е интересна. Еве еден пример, во кој употребата на три чуденки е баш оправдана!