За две години владеење со Авганистан, Талибанците имаат направено повеќе во сузбивање на одгледувањето афион и нарко-трговијата, отколку САД и цела нивна алијанса во 20-те години додека беа таму.
Ако Американците 20 години се обидуваа да го придобијат народот дозволувајќи им да одгледуваат афион и да произведуваат опиум, од кој дел завршува на црниот пазар во САД, во април 2022, талибанското раководство објави декрет со кој целосно се забранува одгледувањето на афион. И од тогаш активно работат на спроведување на ова правило.
Тие користат прилично ефикасен систем кој се базира на пикапи полни со војници, стапови и канти бензин. Талибанците стигаат до нива со афион, со стап уништуваат сè што е посадено, ја полеваат со бензин, ја палат и продолжуваат на следната. И тоа така без застанување.
Процените што ги објавува Би-би-си се дека одгледувањето на афион кај најголемите провинции-произведувачи (Нангархар, Кандахар и Хелманд) може да е паднато и за некои 80% во однос на минатата година.
Бидејќи забраната предвидува и казна за секој што ќе биде фатен како одгледува афион, дел од земјоделците сами го имаат уништено својот посев.
Запрашан околу целата операција и штетата што им се прави на земјоделците кои сега ќе треба да бараат нови начини за преживување, портпаролот на авганистанската влада, објаснува дека му е јасно страдањето, ама нешто морало да се преземе.
„Штетата од опиумот ги надминува бенефитите од него. Четири милиони луѓе од популација од 37 милиони, страдаат од зависност од дрога. Тоа е голема бројка.
Што се однесува до алтернативни извори за преживување, ние би сакале меѓународната заедница да им помогне на Авганистанците кои имаат загуби,“ изјавил портпаролот Забиула Муџахид.
Муџахид ги отфрла тврдењата на О.Н. и западните влади дека опиумот бил главен извор на средства за Талибанците за време на војната против САД, плус ги повикува хуманитарните организации да помогнат без да ги „врзуваат“ една со друга хуманитарните проблеми (глад и сиромаштија) со политички прашања (права на жените и општо човекови права).
Досега незамисливиот напредок што Талибанците го имаат во уништувањето на посевите со афион и производството на опиум е осудено од американски НГО-а како погрешен чекор.
Така Вилијам Бирд од Американскиот институт за мир (УСИП), порачува дека треба да се избегне искушението талибанските успеси во борбата против наркотиците „да се гледаат во претерано позитивно светло“ и да се има предвид сиромаштијата што тоа ќе ја предизвика кај тамошното население, плус дека резултатите од истото нема да бидат долгорочни.
За 20-те години американска окупација на Авганистан, производството на опиум постојано беше во пораст и покрај најразличните мерки и операции што беа преземани, од плаќање на земјоделците да садат жито до бомбардирање на полињата со афион.