EMPATHY FOR THE DEVIL
„Изгледа речиси како човек“, рече во студиото на Федералната телевизија членот на претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ, коментирајќи ја снимката на Ратко Младиќ на погребот на ќерката Ана, каде што генералот скршен од тага долго го бакнува стаклениот прозорец на ковчегот на ќерка си, па со марамче влажно од солзи внимателно го брише, во нема болка простувајќи се од белото лице под стаклото.
Гледајќи ја таа сцена, се сетив на една епизода од есента 1991, кога легендарниот уредник Јошко Кулушиќ среде војната, додека Далматинците под гранати купуваа Слободна Далмација и ги закопуваа своите мртви, на насловната страница објави голема фотографија од погреб на еден српски војник, на која жената сета во црно плаче над ковчегот на синот-единец, проследен со текст на Виктор Иванчиќ и со наслов: „Сите солзи се исти“.
Тоа беше веројатно најхрабриот уреднички потег на сите времиња: јавноста беше шокирана, јуришниците на ХДЗ му се закануваа со ликвидација, а пред редакцијата демонстрираа бесни граѓани, обвинувајќи нè дека сме српска агентура, која во екот на најжестоката агресија на Хрватска среде Сплит жали по убиен четник.
Тоа траеше кратко, како сенка на лицето на човек што погребот на ќерката на Младиќ го гледа сам пред телевизор, ослободен од општествената обврска на јавно манифестирање национален гнев. Веќе следниот ден на насловната страница на Слободна Далмација повторно гореа Задар и Шибеник, веќе следниот миг на телевизискиот екран Ратко Младиќ, со големи дамки пот околу пазувите, на журка во некој приградски мотел ја пее „Боље бити пијан него стар“, и живиот човек – или, попрецизно, преживеаниот човек – повторно може да ѝ се посвети на самоолеснувачката, човечка омраза кон ѕверот.
Тоа, секако, е многу полесно отколку јавно да се потиснува предавничката емпатија кон мајката на загинатиот четник, или – обратно, па со тоа за цела една потенција општествено понепожелно – кон таткото на мртвата ќерка на воениот злосторник. Затоа, за на сите да ни биде полесно, заедно со сликите на болката на еден злосторник одат сликите на болката што тој им ја нанел на другите. Тие денови, кон крајот на март 1994, додека генералот Младиќ го бакнуваше стаклото над својата Ана, Хусо Силајџиќ од Горажде ги погребуваше сопругата, шеснаесетгодишната ќерка, мајката, сестрата и нејзиниот шестгодишен син, целото семејство исчезнато во еден миг, во еден блесок на гранатата. Враќајќи се пак од погребот на сопствената ќерка, можеби истата таа вечер, генералот Младиќ ќе издаде наредба за општ напад на Горажде. Првата жртва ќе биде десетгодишната Медиса Зукиќ. Утредента од тешките повреди ќе почине и нејзиниот седумгодишен брат.
Сега следува незгодното прашање од насловната на Слободна Далмација: дали солзите на Ратко Младиќ се со ист состав како солзите на таткото на малата Медиса, или со солзите на Хусо Силајџиќ од Горажде?
Некогаш одамна, дури некогаш неодамна, апстрактните, недопирливи господари на нашите судбини сакавме да ги гледаме како таканаречени „обични луѓе“, на семејните ручеци или на новогодишните прослави, со смешни капчиња на главата и со пилешки батак во рацете. Нè забавуваше помислата дека тие апстрактни ликови од телевизорот исто како нас наутро одат во клозет или се караат со жените. Режимите со задоволство учествуваа во таа игра и навлекуваа маски од човечка кожа.
Титовите монографии со големи фотографии излегуваа како стрипови: другарот Тито во епизода со браварската машина, другарот Тито во комора за развивање филмови, другарот Тито сосема сам вози автомобил, во следната епизода: другарот Тито бере мандарини. Туѓмановиот режим истоветно го прикажуваше диктаторот како човечко суштество, во гаќи за капење или со внучето на колено, а оној на Милошевиќ изгради цел култ на „човек од народот“, еден од нас, и со години откако вождот од станот во висококатницата се пресели во вилата на Дедиње.
Тие проекти – диктатури со човечки лик – имаа токму спротивна цел и ефект од онаа што истите тие ќе ја постигнат кога еден ден диктатурите ќе паднат и кога повторно истите снимки нема повеќе да бидат доказ на човечноста на нашите господари, туку – во еден величествен пресврт – на нивната чудовишна нечовечност: нуделе илузија на обичен живот, живот каков што всушност не живеел никој. Другарот Тито возел автомобил, со своите раце, така обично човечки, но обичниот Југословен автомобилот го чекал шест години. Фрањо Туѓман се ладел во морето на Бриони, царот во морето бил гол – добро, во гаќи за капење – како и секој од нас, но секој од нас никогаш не се капел на Бриони, а особено не додека паѓаа гранати.
Освестените култури или барем нејзините поединци, кои ги интересира нешто повеќе од немоќниот бес и кои трагаат по изворите на злото, самите подоцна ќе реконструираат такви сцени и ќе цртаат психолошки профили на злосторниците. Пред неколку години добар дел од германската јавност, па и од критиката, се побуни против веќе култниот Хиршбигелов филм „Хитлер: конечниот пад“, кој најголемиот злосторник во целата историја на светот го прикажува како човечко суштество – не како тригер за дополнителен бес, туку како обид за разбирање на внатрешната логика на злото. И несреќната Хана Арент – толку цитирана што остатокот од вечниот живот ќе го мине икајќи – е напаѓана поради нејзиниот славен Извештај за баналноста на злото, во кој го разорува човечкиот одбранбен механизам на мистификација на злосторниците како нелуѓе, митски, апстрактни суштества, кои со нас немаат никаква човечка врска.
Со потребната дистанца од Втората светска војна, западната цивилизација доволно созреала за злото да го сецне со скалпер и да се обиде да го сфати, онака како што ја разбира генезата на настанокот на тропската бура. И еднакво како што денес знаеме дека бурата и молњите не се божја казна, туку празнење на атмосферскиот електрицитет, да се обидеме да сфатиме дека ни Туѓман, ни Милошевиќ, ни Ратко Младиќ не се митолошко зло, Ѓаволови деца, туку всушност она од што најмногу се плашиме: едни од нас.
Само некој ден пред Федералната телевизија да ги емитува приватните снимки на Ратко Младиќ, белградски Блиц почна да објавува фељтони со тајни транскрипти на приватни телефонски разговори на Слободан Милошевиќ и неговото семејство. Разговорите, секако, историски се сосема безвредни, често бесмислени и идиотски, а секогаш болно банални, приближно како и разговори на бадијалџиски настроени и колосално неинтересни учесници на некое реалити шоу. Единственото нешто што е интересно во тие транскрипти се имињата на луѓето што разговараат. Разговорот во кој постара жена наговара помлада да не ја обнови врската со нејзиниот син станува така одеднаш страшно интересен кога знаеме дека всушност разговараат Мира Марковиќ, сопругата на Слободан Милошевиќ, и Тања, бивша девојка на нивниот злогласен син Марко.
Што е тоа што толку ѓаволски нè предизвикува да читаме сосема глупави телефонски разговори во кои тато Милошевиќ ја наговара ќерка си брат ѝ да ѝ го среди џипот? Истото она што нè предизвика да веруваме дека и другарот Тито оди во клозет, дека и Туѓман се кара со Анкица за ручекот и дека Милошевиќ има проблеми со децата: заводлива и еретичка помисла дека некаде под историската легура од бронза и гомна тие се човечки суштества како нас. Затоа се интересни снимките на Ратко Младиќ. Не поради тоа што тие би биле детективски доказ дека Србија и денес го чува пребегнатиот генерал, туку поради тоа што сребреничкиот монструм на нив изгледа „речиси како човек“.
И кога распојасано ја пее „Дотак’о сам дно живота“, и кога нежно ја бакнува внуката, и кога на поднапиеното друштво му налева ракија, и кога танцува со сопругата, и кога игра пинг-понг.
И кога долго го бакнува стаклениот прозорец на ковчегот на ќерка си.
Луѓето, сосема природно, се плашат од сопствените чувства пред таа сцена. Затоа телевизискиот водител во сараевското студио едвај се воздржува од пцости, затоа гледачите во кафеана не се воздржуваат. Ритуалот на бесното плукање по телевизорот на кој Ратко Младиќ ужива во живот што не го заслужил, и плаче над судбина каква што им наменил на нашите деца – човечки, секако, е совршено разбирлив. Животот на Младиќ на тие снимки притоа е сосема обичен, куќа-кафеана-куќа, свадба-погреб-свадба, па повторно куќа-кафеана-куќа, во стан со ѕидни тапети, врамени гоблени, каучи од социјалистички излози на Симпо од Врање и дабови регали со собрани дела на Перл Бак и Харолд Робинс. И точно толку поболно за жртвите отколку со камера, како Анте Готовина да е фатен во некој ресторан со пет ѕвездички, исончан под канарското сонце, налевајќи во чаша од шише Marques de Caceresa, берба 2004. Ратко Младиќ сосема непречено, меѓутоа, живее обичен семеен живот, живот каков што би можел да живее секој од осумте илјади мажи што тој ги убил во Сребреница, го зазел нивниот живот, живот значи каков што живеат оние што го преживеале и што сега го гледаат.
Луѓето, реков, се плашат од тоа чувство. Таа заводлива помисла станува застрашувачки еретичка: Ратко Младиќ е човек од крв и месо, исто како и јас. Но тоа не може да биде, сè во нас се буни против тоа. Затоа му ја пцуеме мајката четничка додека тој немо плаче над мртвата ќерка, затоа гневно се прашуваме дали исто така, пичка му матер, плачел додека Хусо Силајџиќ ги погребувал сопругата, ќерката, мајката, сестрата и нејзиниот син, и дали така, да му ебам мајката, плачел кога во Горажде скршениот татко ги погребувал своите мали ангели, десетгодишната ќерка и седумгодишниот син. Исто како што го пцуеме родот и породот на она ѓубре Слободан Милошевиќ и неговата курветина, и гласно, за цела кафеана да слушне, ефектно поентираме дека таткото на малата Медиса Зукиќ не доживеал да ја наговори ќерката брат ѝ да ѝ го среди џипот.
Пцуејќи, ги нарекуваме Ратко Младиќ и Слободан Милошевиќ чудовишта, монструми, вампири, ѓаволи, и на крајот ги прогласуваме за нелуѓе, одземајќи им ги сите човечки атрибути и додавајќи им митолошки. Така ни е полесно, затоа што тогаш Злото е со големо З, тоа е ѕвер во човечки облик, „речиси како човек“, тоа е од Сотоната, не е тоа зло ни од божја, ни од човечка страна, значи не е од наша страна.
И тогаш нè затекнува пишуван збор во весниците, гледаме дека тоа митско, ѓаволско Зло изговара нималку историски и нималку библиски реченици, туку реченици сосема обични и сосема наши, „Сине, се сеќаваш ли ти на наша баба Јела?“, или „Марија има две кученца, онаа нејзинана Зелда, која ја најде на улица, некое чудо од куче, фантазија, и оној Жељко ѝ подари за осми март еден кокер шпаниел со црно-кафена бемка“. Јебига, не ни паднало на памет, нè плаши таа можност, Злото да има дома кокер шпаниел со црно-кафена дамка, да има син и снаа и внука од снаата, па го гледаме како нежно ја нишка на колено, гледаме како ја бакнува внуката и како го бакнува стаклото над мртвото лице на ќерката, и сè во нас се буни против таа банална обичност и можност во својата појавност и во својата суштина таа да е човечка, затоа што тоа е човекот што на сарајлиите „им го развлекуваше мозокот“ и ладнокрвно испланира смрт на осум илјади такви, обични луѓе. Па велиме: „Изгледа речиси како човек.“
Значи, дали солзите на Ратко Младиќ се човечки, дали се исти како нашите? Има ли и во нив пролактин, леуцин, енцефалин, аденокортикотропски и други хормони како во нашите солзи?
Полесно е, секако, да се верува дека не се. Живите луѓе, меѓутоа, од живите нелуѓе – оние што само „изгледаат како луѓе“ – не се разликуваат по хемискиот состав на солзите, туку токму по тој предавнички рефлекс, со кој дури и со Ратко Младиќ можат за миг да сочувствуваат како со човечко суштество, „речиси како со човек“.
Дени де Ружмон, оној што таму со години веќе ика заедно со Хана Арент, рекол дека најголемото лукавство на Ѓаволот е во тоа што луѓето ги убедил дека не постои. Нè убеди дека постои Ѓаволот, затоа што злото не е човечко и не чува дома кокер шпаниел, не ги ниша внуците на колено седејќи на кауч од Симпо Врање и не плаче за мртви деца. И дека најголемото негово лукавство е „да изгледа речиси како човек“.
Борис Дежуловиќ, од изборот есеи на македонски, „Потрага по загубеното време“
(јуни 2009)