„Малку алкохол може да ја зголеми креативноста и да ги зајакне социјалните врски, меѓутоа нема ништо умерено, или барем дружељубиво во начинот на кој многумина Американци денеска пијат“, пишува Кејт Џулијан во Атлантик, портретирајќи ја големата слика за човекот и алкохолот која е скицирана уште од самите почетоци на човечката цивилизација.
Резултатите од тој однос се топло-ладно. Одредена количина алкохол испушта фина количина креативни сокови и му помага на човек да се социјализира. Тезата во „Уште една тура“ (читни ја рецензијата на Букбокс) е генијална пишурија: луѓето како вид се раѓаат со 0.5 промили ПОМАЛКУ алкохол во крвта отколку што би требало па четворицата наставници кои се во криза на средните години па им е досадно и дома, и на работа, а и сами себе си се досадни, почнуваат да пијат во работно време, за да го надополнат природниот дефицит на алкохол во крвта и така благо замаени да бидат посамоуверени и „кул“, какви што некогаш биле.
Од друга страна, последиците од алкохолот и неговото злоупотребување се и повеќе од добро документирани во разни научни студии. Големи и секојдневни дози на лесни алкохолни пијачки (пиво, шприцер, беванда, гемишт) биле вообичаени векови наназад и не предизвикувале особени секирации. Проблем е кога ќе се нагази на тврдо.
Џулијан цитира една анализа во Вашингтон пост по која 30% од Американците воопшто не пијат алкохол, други 30% пијат помалку од една пијачка неделно, но затоа, од друга страна, топ 10 проценти од возрасните Американци, пијат 74 пијачки неделно, односно повеќе од 10 на ден. А се работи за 24 милиони Американци.
Анализата се фокусира и на еден релативно нов и поопасен феномен кој беше поттикнат од пандемијата и изолираноста - да се пие на само. Џујијан цитира експерт кој препорачува тоа да се избегнува и да се пие или дома но во друштво на пријатели, или - сега кога протоколите тоа го дозволуваат - барем под присмотра на шанкер кој ќе ти даде до знаење кога ти е доста.
„“За сите нас кои сега имаме чувство дека излегуваме од нашите пештери и дека во меѓувреме сме регресирале во многу аспекти, идејата да излеземе надвор со пријатели и да се запиеме и не е најлошата идеја за 2021 година“, пишува таа.
А под една вест дека Американците кои денес полнат 21 година пијат многу повеќе отколку што било случај порано, еден наш оставил коментар:
- Кај нас Шабан Шаулиќ на 21 година издаде албум „БИО сам пијанац.“