Во оковите на ковид апсолутизмот

Кога медиуми како Њујорк тајмс почнуваат да пишуваат дека се претерува забраните, хистеријата на маските и хигиенскиот театар, останува само уште Караџовски да верува дека треба да носиме маски надвор затоа што вирусот кмиши по улици а ние го дигаме со нашето одење. Стварно, можно ли е после онолкава медицинска кариера некој да си дозволи да го памтат по така глупа изјава?

Во вонредни ситуации по јавното здравје, апсолутизмот звучи како разумно и примамливо искушение: луѓето треба да ги прекинат сите однесувања кои создаваат дополнителен ризик.

Таквиот инстинкт ги произведе повиците за време на АИДС кризата хомосексуалците да прекинат со секс, или пак младите да вежбаат апстиненција за да се намалат сексуално преносливите болести.

Во ова време е раширен нов апсолутистички канон: обесхрабрување, па и забрани, на секоја активност која можеби има врска со ширење на коронавирусот.

Преревносни граѓани врескаат по луѓе кои не носат маски дури и кога џогираат или се на точак, Беркли забранил студентите да вежбаат надвор (и со и без маска), универзитетот на Масачусетс донел забрана за прошетки надвор....

Слично е и со оној „хигиенски театар“, како во Македонија кога прскаа улици (небаре вирусот се држи на автомобилските гуми и се тркала наоколу) или како во Њујорк каде метрото секоја вечер затвора за да биде испрано и дезинфицирано.

Освен со своите драмски ефекти, од ваквите забрани и ритуали нема големо фајде.

Истражувачи од целиот свет досега не документираа никакви случаи на надворешна трансмисија на вирусот, освен кога се работи за блиска комуникација со продолжено времетраење. Слично е и со чистунството: науката не поседува евиденција за ширење на вирусот од контаминирани површини. Единствената површина која е битно често да се мие е онаа на рацете.

Со оглед на тоа што ковид-19 не е играчка, некои луѓе сепак се прашуваат зошто да не ги преземеме СИТЕ МОЖНИ мерки на предострожност СЕТО ВРЕМЕ?

Одговорот, накратко, гласи: затоа што сме луѓе.

Преземање на секоја можна предострожност не е реалистична цел, исто како што не беше реалистично дека хомосексуалците или тинејџерите ќе прекинат со секс. Човечките суштества се социјални организми кои пекаат по конекција со други и по задоволства.

Наспроти сите ризици кои ги познаваме од науката или статистиките, пак влегуваме во автомобили во кои масовно се гине, пак јадеме шеќерпариња и симит погачи. Меѓу оние кои се најгласни против ковид апсолутизмот се оние кои имаат искуства со ХИВ кризата. Ним им е јасна историјата: демонизацијата на сексот за време на АИДС стравот, доведе само до уште позачестен секс без заштита. Логиката е: ако секој секс е лош, што па да биде безбеден?

Слична е и динамиката со ковид. Луѓето немаат бескрајно енергија и волја и затоа нивната подготвеност за предострожни мерки треба да се охрабрува само за ситуации во кои навистина тие требаат. 

Да им се кажува на луѓе да носат маски онаму каде што се тие непотребни, само ги поткопува напорите што повеќе луѓе да носат маски онаму каде што навистина треба да се носи маска.

„Правилата дека е побитно да се покаже дека се прави нешто отколку да се прави само она што навистина е ефикасно е контрапродуктивно бидејќи главна валута на јавното здравје е довербата,“ пишува Дејвид Леонард во Њујорк тајмс.

**********

Види:

Летечкиот циркус на доктор Караџовски

14 февруари 2021 - 15:10