Повеќе од кога и да е, годинава што изминува бараше мотив да се стане од кревет и да се истера денот, вложувајќи во неизвесна иднина. Се немаше ни со кого да се наздрави, ни каде човек човечки да се „здрви“. Очајните времиња подразбираат очајни мерки - луѓе мезат со чоканчиња на Скајп или се тешат со предностите на тоа да си „соло дринкер“. Микродозирање, со што и да овозможува благ заборав за она каде сме и што се случува, ќе биде потребно уште некое, долго време.
Четирите ликови во „Уште една тура“ на Томас Винтерберг, сите наставници во средно, се исто така жртви на „пандемија“. Средовечна криза која тивко ги нагризува нивните животи, од која не се умира, ама поради која баш и не се живее. Браковите им се „бајати“, децата се уште мали и бучни, жените нервозни, учениците-матуранти хормонално дебалансирани и исто така - само малку поинаку - уплашени од она што ги чека. Најлошо стојат работите со Мартин (Микелсен), наставник по историја, на чија индиферентност во училницата веќе реагираат и родителите.
Неговиот колега кој предава психологија смислува експеримент. Следејќи ги ставовите на реален норвешки психијатар Фин Скардеруд, дека луѓето како вид се раѓаат со 0.5 промили ПОМАЛКУ алкохол во крвта отколку што би требало (веројатна парафраза на она на Хемфри Богарт, дека светот секогаш доцни за неколку пијачки), четворицата наставници почнуваат да пијат во работно време, за така благо замаени да бидат посамоуверени, креативни и „кул“, какви што некогаш биле.
Опремени со скришни термосчиња, пљоски и пластични шишиња вода полни со алкохол во едниот, и апарат за мерење на алкохол во крвта (оние на дување) во другиот џеб, тие почнуваат дисциплинирано и успешно со проектот. Алкохолот им го прави она што им го правел со илјадници години на сите луѓе на планетата - нуди оддишка, момент на радост, инспирација за влез во „зоната“. Но набргу работатата излегува од контрола. Четворицата сакаат не да бидат благо фатени, туку да доживеат вистинска катарза. Ваквата алчност некои од нив и буквално ги убива.
Иако се занимава со пиењето и прашањето на алкохолизмот, ова никако не е евтин дидактички филм. Алкохолот е просто симбол, на толку потребната опуштеност, привремената одлепеност од секојдневните грижи, носталгично потсетување на некогашните палавости, оној скок во непознато со блиски на кои секогаш можеш да се потпреш. Под услов, нели, и тие да се на нозе.
Филмот е посветен на Ида, ќерката на режисерот Витерберг, која требало да ја игра ќерката на наставникот Мартин, а која починала во текот на снимањето во сообраќајка. Тој сепак бил снимен, во нејзиното училиште, со нејзините соученици. Последната сцена во него е славење на животот, со танцовите движења на Микелсен, кому ова му е прво играње по 30 години. По неа сигурно ќе ви дојде да му наздравите.