Коби Маром е пензиониран полковник од израелската армија, кој сега работи во една необична туристичка гранка - набљудување воени операции, од ќеф.
Видиковецот каде тој редовно носи гости овозможува поглед врз сиријскиот град Кунеитра, каде во текот на минатата година се одвиваа најтешките битки во регионот. И секогаш кога имало пукање, имало и куп заинтересирани туристи.
„Луѓето доаѓаат тука секој ден да го видат шоуто", вели Маром. „За нив посетата на оваа област е интересна, тие чувствуваат дека се дел од настанот. Можат да се вратат дома и да им кажат на пријателите - бев на границата и ја видов битката".
Локацијата кон која израелските туристи имаат панорамска глетка е стратешки важна, и е позната под името Порта кон Дамаск. Групите, кои претходно ги посетуваат винариите, пазарот на цреши и продавниците за рачно изработени чоколади во регионот, запираат тука секој ден, „вооружени" со двогледи и камери, блиску до нечија туѓа крв, жедни за мирис на чад.
Годинава High season бил почетокот на јуни, кога се проширила веста дека сиријските бунтовници ја потиснале војската лојална на Асад и ја преземале контролата над еден пункт на ОН на израелската страна на границата. Кога нема пукање и местото е сосема мирно, тогаш туристите се носат на други фронтови.
Воениот туризам не е ништо ново - уште од Ватерло армиите биле следени од групи ентузијастични набљудувачи. Но она што е ново, според Филип Стоун, директор на Институтот за истражување на мрачниот туризам на британскиот Универзитет на Централен Ланкешир, е неговата комерцијализација.
„Овој феномен има историски претходници. Може да се каже дека во некои од неговите први туристички групи Томас Кук ги носел луѓето да гледаат бесења во Корнвел", вели Стоун, зборувајќи за основачот на познатата туристичка агенција и јавните егзекуции кои биле вообичаени во Англија во 18 и 19 век. „Но она што се менува е начинот на кои овие патувања се формализираат преку туристичката индустрија, како и фактот дека технологијата и интернетот почнуваат да се замешуваат во нивното промовирање".
Се проценува дека туризмот базиран врз авантура кој вклучува и патувања во воени зони во минатите четири години растел во просек за 65% годишно, и сега се проценува дека вреди 263 милијарди(?) долари. Најпознатите туристички агенции кои нудат вакви патувања во моментов се War Zone Tours и Wild Frontiers кои постојат од 1990. Турите кои се нудат на пазарот, освен Израел и Палестина, за 7,000 долари ја нудат и Либија, а турата вклучува и средба лице во лице со некои членови на милицијата кои во моментов го контролираат градот Мисрата. Од Европа, во последно време е актуелен Киев, а во Азија Северна Кореа. Оние кои веќе биле на вакви патувања велат дека тоа го прават за самите да се уверат во вистинитоста на тврдењата на медиумите, кои според нив не ја прикажуваат целата слика. Кога е во прашање Северна Кореа, минатата година 6-7,000 посетители од запад ја посетиле земјата со организирана тура (што е и единствениот можен начин).
Тие според Стоун не можат да се наречат „мрачни туристи", туку се луѓе кои се заинтересирани за светот околу нив. Па сепак, има нешто бизарно да седиш на столчиња за пикник и да пиеш студен чај, додека пред тебе се одвива насилство, и тоа да го викаш „туризам".