Научни журнали и истражувачките списанија повлекле над 300 статии за ковид-19 поради компромитирани етички стандарди и сомнителна научна валидност на публикациите.
Повлечени се трудови кои се движат од „Акутна повреда на бубрезите поврзана со ковид-19“ до „Дали вашата вештачка интелигенција може да разликува мачки од ковид?“
Досега се повлечени вкупно 330 истражувачки трудови.
За време на пандемијата, истражувачи правеа компромиси со етичките стандарди во желба да бидат објавени и популаризирани во време кога постоеше огромен интерес за вирусот.
Во пандемиојата биле објавени меѓу 90.000 и 300.000 трудови за ковидот, многу повеќе отколку за која било друга пандемија.
Меѓу журналите кои објавуваа фалични студии, се лизна и престижниот Лансет објавувајќи студија поради која СЗО го сопре тестирањето на ефикасноста на хидроксихлорокин. Студијата, заснована на мала но битна измама во истражувањето, порачуваше дека лекот го зголемува ризикот од срцева аритмија и смртност кај пациентите со ковид.
Штетата е направена и уште долго ќе биде присутна. Утврдено е дека дури и кога некоја студија ќе биде повлечена, таа продолжува да биде цитирана, во просек во седум други студии.