Не. Не постои нешто како што е млеко од соја. Истото важи за бадемите, кокосот, оризот, лешниците, овесот.... Млекото доаѓа од цицачи и едноставно - не постојат бадеми во лактација.
Ваквата дубара со проширување на дефиницијата за тоа што е млеко започна уште во 1979 година кога кинеската компанија Витасој влезе на американскиот пазар. Сепак, повеќето надлежни агенции и институции за храна ширум светот и натаму се држат до старите дефиниции за млекото во кои се инсистира да постои крава, овца, коза...
Комичарот Белк Луис на темата има логично објаснување. Од соја може да се добие сок но не и млеко. Ама бидејќи „сок од соја“ звучи екстремно глупо, ете ти млеко.
Иако официјалните дефиниции се држат стамено и конзервативно, реалноста си тера по свое. Според Евромонитор, светската продажба на вакви напитоци двојно се зголемила во периодот меѓу 2009 и 2015 година. Во истиот период, продажбата на вистинско млеко опаднала за 9%.
Ваквиот погубен тренд за млечната индустрија наведен 30-тина конгресмени да ѝ пишат на Агенцијата за храна и лекови дека производителите на растителни пијалоци кои ги означуваат своите производи како млеко ги доведуваат во заблуда потрошувачите.
„Потрошувачите имаат право да користат заменски производи но произведувачите погрешно ги наведуваат и го кршат законот. Апелираме за производите на растителна основа да се најде прикладен назив кој нема да го содржи зборот млеко“.
Кај нас еден од најефикасните трикови беше она бело калапче кое личи на сирење а се вика „Акција“. Поевтино од другите сирења бидејќи самото и не е сирење (туку растително). Ама, кога пензионер ќе види нешто на кое е напишано „Акција“, моментално трза дека тоа е стварно на акција, тоест попуст. И ете ти ќар до небо! За среќа, подоцна мораа ваквите „акции“ да ги ставаат во посебен дел од рафтовите на кои е назначено дека се работи за производи на растителна база. Не сме сигурни дека на сите им дошол памет што тоа купуваат ама па да се биде глуп и наивен и онака е работа на личен избор.
А за оние кои сè уште користат растителен „кашкавал“ (заради кој ни се се одмилија и тостови и махерски скараџиски изуми како што е увијачот) потребен е посебен круг во пеколот.