Koлку и да мислиме дека знаеме што е планета, небесните тела си тераат по свое, и не се прилагодуваат на човечките конструкции и етикети. Мислевме дека Плутон е планета, до 2006, кога Меѓународната астрономска унија (IAU) му ја одзема титулата. Со тоа се актуелизираше и прашањето - a кога нешто е официјално доволно големо за да се нарече планета?
Додуша, не е само до големината. Во моментов има збунка околу тоа дали најголемите планети се воопшто планети, или се всушност ултра-сјајни ѕвезди. Работната дефиниција на спомнатата институција е дека одредена ѕвезда треба да биде доволно масивна за тешкиот водород, познат како деутериум, да започне процес на нуклеарна фузија. Тоа е околу 13 пати повеќе од масата што ја има Јупитер. Но истражувачот Кевин Шлауфман од Универзитетот Џонс Хопкинс истакнува дека ова не е баш прецизно, бидејќи понекогаш помали објекти од наведеното само лебдат наоколу осамени, без да орбитираат околу ѕвезда, како што тоа би го правела планета. Тој сугерира дека има подобар начин да се дефинира максималната големина на планета, и предлага апдејт на дефиницијата врз основа на начинот на кој се формираат планетите.
„Објекти околу 10 пати поголеми од масата на Јупитер не би требало да се сметаат за планети“, пишува тој во студија која набргу ќе се објави во The Astrophysical Journal.
Својата идеја Шлауфман ја базира на фактот дека планетите со големина на Јупитер изгледа преферираат ѕвезди кои содржат големо количество метал (астрономски тоа значи главно неводородни и нехелиумски атоми), како нашето Сонце. Ова значи дека тие најверојатно се формирани со таложење на џиновски диск од космички отпад кој орбитира околу ѕвездата. На поголемите објекти, од друга страна, не им е гајле колку неводородни или нехелиумски атоми има во дискот, и се трупаат под дејство на сопствената гравитација.
Анализирајќи база на податоци на објекти кои орбитираат околу Сонцето, тој забележал дека планети со маса четири пати помала од онаа на Јупитер преферираат „метал“ ѕвезди, а дека за оние 10 пати потешки од Јупитер ова со металот не е важно. Оттаму овој елемент може да биде искористен за одделување на масивните планети од кафените „џуџиња“ и проценка на масата на поголемите објекти кои настануваат со формирање на јадро, пишува тој.
Дали ова навистина ќе доведе до нова класификација на планетите, и воопшто до нова дефиниција на „планета“ секако е поинакво прашање. Ова е долг и мачен процес, каков што впрочем беше и оној поврзан со дисквалификацијата на Плутон. Следното генерално собрание на IAU е во август оваа година, а во меѓувреме дискусии на оваа тема се водат на различни форуми, меѓу другото и на Википедија.
На крајот на краиштата, на универзумот ич не му чуе како ние ги викаме небесните тела. Всушност најинтересното не е како ќе ги викаме одделните небесни објекти, туку како тие се формираат, и дали во тој процес има некакви разлики кои до сега не биле земани предвид.