На луѓето од племето Баџау во Индонезија кои за преживување традиционално се бават со подводен риболов, слезината им е генетски адаптирана на она со што се бават. Поголема им е за 50% од онаа на соседно, сувоземно племе. Таквата адаптација на овие луѓе им овозможува да нуркаат и до 70 метри под вода, додека од опрема носат само примитивни тегови и копје за лов.
Студијата која најде докази за генетска адаптација на човековиот организам на околните услови е прва од ваков вид. Научната вредност на откритието е што не се работи за обично механичко зголемување на слезината како резултат на нивното постојано нуркање туку дека во прашање е генетска промена. Имено, кај Баџау е најден ген кој го немаат оние од другото, контролно племе. Тој ген директно го контролира тироидниот хормон кој пак одговара за функционирањето и волуменот на слезината.
Иако не е директно поврзана со дишењето, слезината е важна за тој процес бидејќи во услови на недостаток на кислород, таа почнува со контракции кои во системот внесуваат „кислородизирани“ крвни зрнца со што се обезбедува 9% повеќе кислород во организмот.
Баџау се морски номади и со нуркање се занимаваат над 1.000 години. Не го прават тоа за рекорди па не се знае точно колку можат да издржат под вода. Од муабети, еден од истражувачите дознал дека кај нив има луѓе кои нуркаат и по 13 минути.