Упатство: Како медиумите да не му помогнат на Трамп да започне војна

„Лекциите кои требаше да бидат научени од Виетнам се заборавија во брзањето да се нападне Ирак. Денес, кога Трамп прави сè за да отпочне војна со Иран, се чини дека и лекциите од Ирак не се научиле. Ризикувајќи да повторуваме очигледни работи, еве неколку лекции за новинарите“, пишува уредник на Прес Воч.


Не можеш да бидеш премногу скептичен кон властите

За ништо не претпоставувај дека она што ти го зборуваат официјалните извори е вистина. Напротив, поверојатно е дека те лажат. Тоа важи и за сегашни и за поранешни политичари. 

Барај доказ за секое тврдење. Започни со претпоставка дека нивниот доказ е лажен и барај да ти докажат дека доказот им е вистинит.

Само затоа што рекле нешто, не значи тоа одма да оди во наслов. Отсуството на докази кои ќе го поткрепат тоа тврдење, или уште повеќе, постоењето факти кои противречат на тврдењето, може да биде побитно од самото тврдење.

Не објавувај анонимни а запаливи тврдења. Барај од изворите да застанат зад тоа што тврдат дека е вистина.

Објавувањето војна не е доволно да се оправда војната

Војната е толку сериозна работа што дури и некој да ти ја објави, не е доволно да ја сметаш за готова работа. Натерај ги властите да ѝ докажат на јавноста дека одењето во војна ќе ги направи работите подобри. 

Инсистирај да знаеш што ќе се случи ако војната (или тактичките напади) не се развијат онака како што е планирано.

Инсистирај да знаеш што ќе се случи ако успеат. Што после „успехот“?

Прашај ги: нели е можно ситуацијата да стане полоша попрво отколку да стане подобра?

Биди особено скептичен кон нивната тајновитост

Не претпоставувај дека официјални лица имаат поголем пристап до доверливи информации од тебе.

Истовремено, имај на ума дека можеби и знаат повеќе од тебе ама ги кријат оние информации кои не им одговараат на намерите.

Пази се од нивните реторички замки

Имај увид во тоа како поборниците на војната ја градат приказната. Не им ја купувај додека не си сигурен дека е исправна.

Особено внимавај на конструкциите по кои тие секако се во право. На пример: ако не најдеме докази за постоење оружје за масовно уништување, тоа е доказ дека Садам добро го крие.

Пази се од лажни одрекувања. Во примерот со Иран, тоа се оние бројни пораки дека „никој не зборува за инвазија на Иран“. Тоа веројатно значи дека се планира бомбардирање.

Не им давај збор само на властите

Дозволи да проговорат и скептиците, не ги маргинализирај и не ги потсмевај.

Потсети се и цитирај ги оние кои последниот пат испаднале во право: разузнавачи, луѓе од Стејт департментот, воени инструктори и многумина други предвидуваа дека инвазијата на Ирак ќе биде катастрофална - и најчесто беа игнорирани. 

Гарантирај им најголема доза на доверливост на оние кои имаат информации што противречат на официјалните ставови. Од друга страна, не им нуди доверливост на официјални спинери.

Погледни и надвор од земјата

Обрни внимание на меѓународните мислења.

Покрени го прашањето што мислат луѓето во други земји. Зошто ние треба да бидеме различни?

Следи како странскиот печат ја следи приказната. Зошто ние треба да бидеме различни?

Разбери го непријателот

Слушни ги луѓето од другата страна, извести за нивните ставови.

Испрати повеќе репортери во земјата која се планира да се нападне и дознај ги нивните погледи, политички ставови и култура.

Не дозволувај луѓето од која и да е држава да бидат демонизирани. Сите луѓе заслужуваат да бидат третирани како луѓе.

Инсистирај да дознаеш зошто твоите не сакаат да започнат дијалог со другите. Одбивањето да се зборува со некој кому му се закануваш со напад е крајно сомнително однесување.

Охрабри ја јавната дискусија

Нацијата не е добро опслужена ако прашањата за војна и мир не се целосно издебатирани во јавноста. Разумно е медиумите да инсистираат на суштинска и темелна дебата во Конгресот.

Обилно и суштински известувај од таа дебата.

Пишувај за мотивите

Историаските лекции велат дека вистинските мотиви за војна не биле оние кои јавно биле истакнувани. Обиди се да проникнеш во реалните мотиви на оние кои заговараат војна.

Не претпоставувај дека властите се искрени околу мотивите.

Ако никој од нивните внатрешни кругови не сака да зборува за мотивите, тогаш покрени разумни шпекулации кои би можеле да бидат тие.

Зборувај со војската

Дознај за што им било кажано да бидат подготвени.

6 јануари 2020 - 09:22