Вака почнува текст во Хафингтон пост, кој до моментов во којшто ја пишуваме статијава веројатно веќе има станато вирален. Притоа, оние кои манијакално го споделуваат веројатно не ни прочитале што тој всушност содржи. Иронично, токму тие се оние до кои тој најмногу треба да допре. Затоа што таква „дупка во законот“ која одеднаш ќе овозможи некој да стане претседател едноставно нема, и тоа овие луѓе би требало многу добро да го знаат. Ама од пусти мерак да биде поинаку, стискаат лајк и шер, како тоа да може нешто магично да смени.
Токму во тоа е и поентата на текстот - пласирајќи невистинита вест да покаже колку луѓето се фаќаат на вакви јадици, само затоа што посакуваат да е вистина она што го најавува насловот. Минатите месеци социјалните мрежи беа полни со погрешни информации и манипулации во врска со претседателската кампања, масовно споделувани од оние кои веруваа во нив без да се задлабочат во нивната фактичка исправност. Додуша, не дека и кога нема кампања е нешто различно. На луѓето им се нуди тоа што тие сакаат да го слушнат, и тие ја џвакаат коската како прегладнети.
А најважна работа за едно општество кое добро функционира е добро информираната јавност. Во моментов не само што таа не е информирана, туку е погрешно информирана. Како да се излезе на крај со овој проблем? Еве неколку начини кои ги сугерира Хафингтон:
1. Прво прочитај. После споделувај.
Можеби сте коментирале или сте кликнале „шер“ само заради насловот. Не бидете мрзливи, кој знае што пишува внатре!
2. Проверето го изворот (и неговите извори)
Во доба на нови дигитални медиуми вистинската и валидна информација најчесто доаѓа од нетрадиционални извори, но на истиот начин доаѓа и многу ѓубре. Секој текст кој постира факти, бројки или цитати треба да обезбеди извор на информацијата. Ако таков нема, не го есапете.
3. Внимавајте на рециклирани статии.
Кога стари стории се прикажуваат како да се случуваат сега. Проверете го датумот на одредена статија пред да ја прочитате. Ќе видите колку од нив се од некое друго време и не се никако поврзани со актуелниот настан за кој вие мислите дека зборуваат.
4. Ако ви значат фактите, тогаш игнорирајте ги очигледните клевети.
Заземањето страна во текст не е самото по себе грев. Грев е ако ставот се земе како непристрасен факт. Одбегнувајте ги сајтовите кои го прават ова. Или не ги одбегнувајте, ама само ако сакате да живеете во вашиот „меур“. Притоа немајте илузии дека овие приказни ја отсликуваат целата приказна.
5. Гуглајте
Има зошто Бог ни го дал Гугл. Ако прочитате приказна која е сомнителна или нема извори, па дури и да има, проверете ги наводите. Видете дали истите факти се среќаваат во стории објавени во други медиуми. Прочитајте ги и тие текстови, па донесете свој суд.
Ако сите ги правиме овие мали чекори нашето општество ќе биде подобро. Сите имаме мислења и ставови и нема ништо погрешно со тоа, но може ли барем сите да тргнеме од иста почетна позиција, базирана на факти и реалност?
Освен тоа, споделувањето нелогични нешта го нагризуваат и вашиот кредибилитет, и прават да изгледате блесаво.
Ајде сега, споделете го ова.